Во мистичната атмосфера на Чистата Среда, кога душите во полнота го вдишуваат мирисот на покајанието, а молитвената тишина во Бигорската Обител е озарена од светлината на постот, околу сто и педесет богољубиви верни го завршија блаженото тридневие – тримирот, возвишениот подвиг на целосно воздржание од храна и од питие. Овој благословен пост, ова доброволно принесено тридневно жртвување, не е само аскетска пракса, туку длабок исчекор за враќање кон изгубената чистота на срцето, кон состојбата на Првосоздадените пред падот, кога Бог Творецот разговараше со нив лице в лице. Таква е благодатната тивкотија на Чистата Среда. Таа ни открива дека постот не е само суво воздржание, туку, пред сѐ, пресретнување на Христа во најсветата тајна на Неговото живо присуство.
А таа света и таинствена средба ја доживеавме во голема радост кога попладнево, со особено молитвено умиление, нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, ја отслужи Литургијата на Претходноосветените Дарови, во сослужение со браќата свештенослужители. Колку само беше возвишен мигот, кога, по тридневното аскетско исчекување, тримирците со страхопочит и солзи во очите пристапуваа кон Светата Причест, вкусувајќи Го Самиот Господ – Оној Кој единствен вистински нè храни и нè напојува во пустината на овој живот.
„Човекољупче, Кој со Твоите страдања на сите луѓе си им дал бестрастие, откако со Твојот крст ги умртви страдањата на моето тело, мене, кој со пост ѝ благоугодувам на Твојата слава, удостој ме да го видам божественото страдање, за да ја примам изобилно милоста голема“.
Со крајна татковска љубов, со грижа за душите што му се доверени, нашиот Старец, со кротка, но силна молитва, ги благослови сите кои Го побараа Христа преку ова духовно ронење на себеси. Беше навистина огромна милост Божја да се види тој таинствен спој на души, кои по тридневен глад, во истиот миг се најдоа на трпезата на небесната сладост, на гозбата што не е од овој свет.
„Дојдете, со пост да ги покориме страстите на мислите, откако ќе се покриеме со духовни крилја; та, кога лесно ќе ја минеме бурата предизвикана од непријателот, да бидеме достојни да се поклониме на крстот на Синот Божји, доброволно заклан за светот, и духовно да го празнуваме воскресението на Спасителот од мртвите; да се искачиме на Гората со учениците и да Го прославиме Синот на Отецот, Кој ја прими сета власт, Човекољубецот“.
Ако постот не нè учи на љубов, ако не нè упатува кон милосрдие, ако не ни помогне да го разбереме гладниот, да го утешиме страдалниот, да му опростиме на грешниот, тогаш тој е несомнено залуден. Оној кој вистински пости, не го чувствува само сопствениот глад, туку го препознава гладот во ближниот, го слуша крикот на оној кој е духовно ожеднет. Постот е повик да се раздадеме себеси, да го изгубиме својот живот заради Христа и во тоа губење, да го пронајдеме вистинскиот живот, нашето автентично јас.
„Постејќи, браќа, телесно, да постиме и духовно: да раскинеме секакви окови на неправда; да скршиме секаква врска на суровите страсти; да раскинеме секаков список неправеден. На гладните леб да им дадеме и бедните без покрив во домовите да ги воведеме, за да примиме од Христа Бога милост голема“.
Со овој благословен подвиг што денеска го завршивме, тримирците ја истрчаа првата, но и најтешка стаза од овој четириесетдневен духовен маратон којшто нѐ води кон славното Христово Воскресение. Благослов од Бога нека имаат сите кои се подвизуваат според своите сили, сите кои го исполнија овој свет подвиг и сите кои со љубов Го бараат Господа! Нека благословот на овој подвиг се излее и врз нивните семејства, а Господ нека нè удостои сите да се поклониме на Неговите Свети Страданија и да ја видиме несоздадената светлина на Неговото славно Воскресение! Амин.