Пружи ги кон Господа Твоите богоносни раце, на кои си Го носела Младенецот Исуса Христа и измоли од Него да нè избави од секакви зла.
Беше незабележлива, незначајна, а стана поширока од Небесата. Беше едно бескрајно трпение во жалостите, а постана радост на сите. Се чувствуваше и се нарекуваше себеси ‘слугинка’, а стана Царица на Небото и на Земјата. Ѝ ги оставаме нашите болки, таги, борби и недоумици, а Таа се покажа за нас – извор на милост. Ги преобразува нашите горчини, бидејќи е сладост неискажлива. Го виде нашиот мрак и се јави како ѕвезда сесветла. Доживеа несфатлива самотија и стана Застапница за сите. Виде насилство и постана мир. Пречиста и неосквернета од ништо во овој свет, ги надмина природните граници и постана словесен рај. Стана прегратка и Мајка наша…
Богородица. Самото нејзино споменување причинува радост и успокојува. Секогаш е тука да израдува и да утеши. Ги утешува Таа оние што ја љубат, им вдахновува добри помисли, благонадежен поглед, слатка утеха. Присутна е среде верните и преку многубројните икони нејзини, од кои зрачи нејзиниот свештен, сечесен, божествен лик.
Едно од тие чудотворни изображенија на Пречистата, омилено и насекаде познато, е славната икона ‘Достојно ест’, со која е удостоена и нашата Света Обител. Икона со која порасна нашиот Старец и игумен Партениј, икона која проповеда без зборови, поучува не со слова, ами со чудата на љубовта и милоста на Мајката наша. Затоа бденијата во Бигорски за ‘Достојно ест’ секогаш се одликуваат со посебна убавина и благодат. Така беше и оваа година на сеноќното богослужение во Претечевиот храм, каде се чувствуваше посетата на Преблагословената, Која им зборуваше на нашите срца, со нејзината обилна благодат, со нејзината наднебесна чистота, со нејзиното крајно смирение што се одразуваше од нејзиното умилително лице на иконата. Ни го даруваше она што го има: љубов, трпение, смирение, послушание и добрина.
Девствено торжество е денес, браќа! Нека игра Бигорски, нека ликува Црквата! Зашто нè повика света Богородица на годишниот празник на необичната песна своја, откако Архангелот Гавриил странообразно нè научи на почетокот на Божествената песна нејзина. Оти, така му се јави на инокот во подобен образ, Богородица да ја возвеличи, бидејќи Оној Кој на Херувимите почива, Таа со тело Го носеше. По нејзините молитви, Христе Боже, спаси ги душите наши.
Сепак, во оваа тивка молитвена ноќ мајчинскиот елеј на Богородица посебно го помаза нашиот собрат – искушеникот Глигорчо, кој од рацете на својот духовен татко и Старец, отец Партениј, го прими благословот да го носи светото монашко расо, со свештен устрем кон рамноангелското монашко житие. Нашиот нов расофор положи метанија пред Старецот и братството во знак на благодарност и ветување за живот во љубов и послушание.