Денес небесна радост се слеа врз славниот Дебар. Денес градот, како некогаш древниот Ерусалим, ги отвори своите срца пред Оној Кој доаѓа во името Господово. Со раширени срца и со расцутени души, како некогашните еврејските деца кои со палмови гранчиња весело мавтаа, извикувајќи: „Осана во висините! Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово!“ – така и ние, со радосни восклици, Го пречекавме Царот на мирот – Христа, Кој со тивко, благородно достоинство влезе во сечесниот храм на Пресветата Богородица – „Митрополијата“, бисерот на дебарската архитектура и духовност.
Но овој ден не е само спомен. Тој е живо присуство на небесната реалност, за живата христијанска вера. Тој е вратата што води кон најсветите денови на страданието и победата – денот во кој светлината ќе ја растера темнината, љубовта ќе ја победи омразата, а животот смртта.
Торжеството во Дебар беше токму такво – празник на победата. Или поточно, предворје на победата. Радосните литургиски химни, прекрасно испеани од хорот „Митрополит Козма Пречистански“, се мешаа со молитвените воздишки на множеството присутни, дојдени од сите страни на нашата земја. Нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, чиноначалствуваше со литургиското таинство, а освен браќата свештенослужители од Бигорски, нему му сослужуваа и почитуваниот дебарски свештеник о. Миле Ангелковски, како и нашиот драг пријател, јероѓаконот Хризостом од Света Гора. Особено трогателни беа солзите радосници во очите на домородните дебрани, како сведоштво за силната надеж, дека токму во овој прекрасен храм на Богомајката славословијата никогаш нема да замолкнат. Секоја уста, секое срце, како да ја повторуваше древната песна: „Осана! Благословен е Оној Кој доаѓа!“ – со сè подлабока вера дека ова славно и велелепно здание ќе ја достигне својата конечна убавина и слава.
Видно трогнат од оваа духовна глетка, нашиот возљубен Старец им се обрати на верните со силно и созерцателно слово, повикувајќи нè сите да се сосредоточиме на претстојната Велика и Страдална Седмица, за во радост да ја дочекаме Светата и сеспасителна Пасха. Во своето обраќање тој не пропушти да им се заблагодари на пожртвуваните дебрани, кои со љубов и несебичност се вградуваат во обновата и разубавувањето на овој свет храм, како и на сите кои од самиот почеток го вложуваат својот труд во неговото возобновување.
На самиот крај на богослужбата, претседателот на црковниот одбор, г. Душан Казанџиовски, во име на сите Дебрани, му подари на владиката Партениј прекрасен архиерејски енколпион со претстава на празникот Цветници, обраќајќи му се со трепет:
„За Вас, владико, кој ни влеавте надеж и вера, правејќи нè да се чувствуваме потребни и сакани. Вие сте воскресение на овој крај, темел за воскресение на нашите животи“.
Годинешните, пак, кумови, Елена и Сашко Станковиќ, му подарија зографисана икона од празникот Цветници, и со топли зборови му се заблагодарија за неговата татковска грижа со која постојано бдее над сите нас.