Духовденска задушница

„Додека песната на животот го достигнува врвот, селската камбана ќе ја означи Задушницата… Од секој дом, од секој домашен агол, ќе тргнат жените облечени во црно, со коливо во рацете, смирени, молчаливи и, една по друга, како во литија ќе дојдат в црква. Таму ќе слезат безгласно и душите. И внатре, во полусветлината на вечерната, умрените и живите ќе се сретнат. Тоа нема да биде ниту во земјата на животот, ниту во земјата на смртта. Ќе застанат за еден миг заедно, тие што поживеаја и тие што живеат, на некое место отаде смртта и животот, во земјата на невечерниот ден.“  

– Митрополит Старец Халкидонски †Мелитон

Нашиот милостив Отец и Бог убаво го промислил животот на Земјата и го уредил со својата татковска грижа и љубов за сите луѓе. Тоа за нас земните е период на раѓање, растење, освестување и воспитување, но особено важен момент покрај раѓањето, пред сè, е егзистенцијалната средба со Бога Творецот во конкретен момент од животот, а не помалку важен е преминот од овој привремен живот кај Бога, претставувањето пред Бога Живиот, преминувајќи преку вратата на веќе победената и уништена смрт.

Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11,25).

На овој, пак, умилителен и полн со љубов ден наречен Задушница, се истакнува нашата грижа за починатите. Ден во кој оние што живеат молитвено се сеќаваат на оние што преминале од овој живот во идниот век. Ден во кој нè посетуваат духовите на нашите предци за кои со особена љубов Му се молиме на Христа. Чувството на овој ден е уникатно затоа што се доживува таа онтолошка стварност, каде што духовниот свет, во кој сме и ние, заедничариме со сите, живи и починати, во Господа Бога, претвкусивајќи ја слободата на невечерниот осми ден на идното Царство.

Душите нивни во добра ќе се водворат

Бигорскиот свет манастир, кој во својот зенит ги има многубројните свети отци, подвижници и маченици за Христа во текот на целата своја маченичка, но славна и светла историја повеќе од илјада години, ги направи духовите на предците и на потомците причесници на радоста од заедништво во верата во Воскресението и вечниот живот во Исуса Христа, оти Он е вистинскиот живот. Нашиот Старец Епископ г. Партениј, Игуменот на Свештената Бигорска Обител во една прилика ќе рече: „Затоа вистинскиот живот не е оној биолошкиот, туку личносниот однос со Бога. Оној кој се соединил со Христа, преминал од смрт кон живот. Најнапред со душата, а потем, при Општото Воскресение, и со телото, кога телата на сите покојни ќе бидат пресоздадени и преобразени, воскреснати од распадливоста, за да се појават на Судот“.


Вечен им спомен!