Спомен за падот на Царицата на градовите, 29 мај 1453 година
Тврдината на Босфорот, Царицата на градовите, Новиот Рим – Константинопол не беше само еден голем главен град. Тој беше една своевидна теофанија – Божјо јавување во историјата. Тој не беше само престолнина на една земска Империја – и тоа најтрајната, туку живо подражавање на небесниот поредок, откриено преку Црквата во историјата на народите. Градот на свети цар Константин Велики, на свети Јован Златоуст, на свети Григориј Богослов, на свети Фотиј Велики, на свети Григориј Палама и на безброј други светии, беше место каде што светлоста на Светиот Дух се преточуваше во догма, литургија, уметност, архитектура и во целокупниот животен етос на православните христијани.
На 29 мај 1453 година видливиот Константинопол падна. Но невидливиот Царствен град – онаа духовна реалност, оној непрестаен соборен ум на Црквата, никогаш не падна. Тој продолжува да живее, скриен во Божествената Евхаристија, во монаштвото, во исихазмот, во живописот, во начинот на градење, во теологијата, во животот на Црквата, во благодатната реалност што секогаш ги надминува границите на политичката географија и на историските премрежија.
Бигорскиот Манастир, верен чувар на светоотечкото предание на Црквата од Исток, и оваа година молитвено го одбележа споменот на падот на Константинопол. Со трепет во срцето и со молитва на усните, браќата монаси, заедно со притекнатите верници, се помолија за сите оние кои ги положиле своите животи на ѕидините на Цариград, како и за сите кои низ историјата се бореле и умирале за да остане верата православна, светлината апостолска, и умот обожен.
Константинопол значи нешто што модерниот човек не може да го сфати без да ја врати својата онтологија во евхаристиската реалност. Тоа беше средоточието каде што духовното искуство не беше приватна состојба, туку соборна вистина; каде што философијата не беше апстрактна, туку причастна; каде што уметноста не беше за естетско уживање, туку за духовна преобразба; каде што книжевноста не беше белег на елитизам, туку пат кон умопросветлување.
Падот на Цариград беше допуштено не како отфрлање, туку како повик – повик за покајание. Не затоа што Господ го отфрли Градот, туку затоа што луѓето го претворија тоа Божјо светилиште во обична земска тврдина. Константинопол не пропадна затоа што го нападнаа однадвор, туку затоа што духот на рационализам, на гордоста, на комфорот и егоизмот се обидоа да го заробат неговото срце.
Но ние православните знаеме. Знаеме и сведочиме дека Константинопол е сè уште тука. Во трепетот на кандилото, во исихијата на Исусовата молитва, во иконите што гледаат од вечноста, во светлината на ноќната бденија, во првопрестолната Мајка на Црквите – Вселенската Патријаршија, во умот што се преобразува преку подвигот за обожение, во трудот на секој еден што се стреми кон ум Христов (сп. 1 Кор. 2,16).
Затоа денес не оплакуваме, туку се сеќаваме со надеж што не останува посрамена. Не го жалиме она што е видливо, туку го љубиме она што е суштинско – Царството кое не е од овој свет, но се наоѓа во срцето на оние кои неискажливо Го љубат Христос и Црквата Негова.
Вечна слава на паднатите на ѕидините на Новиот Рим!
Вечна светлина на Константинопол во срцата на православните!
Светии Константинополски, моли се за нас грешните и бедни духом!