Крстопоклона Недела – средината на патот, Дрвото на Животот

Средина. Половина од Великата Четириесетница е зад нас, половина е пред нас. И токму тука, на средокрстието на постот, Црквата го изнесува пред нас Крстот Христов. Не како товар, туку како извор; не како знак на смртта, туку како Дрво на Животот. Зашто постниците се уморени, телата се ослабени, душите искушувани. И Црквата, како мудра мајка, го знае сето тоа. Затоа го полага пред нас најмоќното лекарство: Крстот Господов, кој не само што ни ја дава силата да продолжиме, туку ни ја покажува и целта кон која одиме – Светата Пасха, Воскресението, Животот.

Во Бигорската свештена обител овој ден е исполнет со радост и торжество какво што само Крстопоклоната недела може да го донесе. Нашиот возљубен Старец, Преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, победоносно го издигна Чесниот Крст за поклонение среде храмот. И во тој миг, кога спасоносното Дрво заблеска среде храмот, и кога браќата и многубројните верни се поклонија пред него, зборовите на химнографот оживеаја со сета своја сила: „Ова е денот на поклонувањето на Чесниот Крст: сега тој ни е изнесен, сјаејќи со светлината на Христовото Воскресение! Да пристапиме сите и да го целиваме со голема радост во нашите души!“ Да го целиваме со радост и со најголема љубов! Оти Крстот ако некогаш беше знак за крај, сега тој е почеток; ако некогаш беше симбол за пораз, сега е непобедливо оружје на победата.

Потоа, Старецот ја возглави и светата Литургија на нашиот отец меѓу светиите, Василиј Велики – таа величествена и пространа Литургија чиишто молитви ја опфаќаат целата историја на спасението, од создавањето до Второто доаѓање, не изоставајќи го никого. И причестувајќи се со Телото и Крвта на Оној Кој беше распнат на Крстот, верните ја воспримија тајната за која зборува кондакот на празникот: „Сега пламениот меч повеќе не ги чува рајските порти; тој е таинствено угаснат од дрвото на Крстот! Осилото на смртта и победата на адот се совладани, зашто Ти, мој Спасителе, дојде и им извика на оние во адот: Влезете повторно во Рајот!“ Влезете повторно во Рајот! – ова е повикот на Крстот. Ова е целта на постот. Ова е смислата на секое причестување. Адам беше изгонет поради едно дрво, а ние се враќаме поради друго. „Умрев поради дрво“, пее денес Црквата, „но најдов дрво на животот во тебе, Крсте Христов! Ти си мој непобедлив заштитник и силна одбрана против демоните.“

Химнографијата на овој ден е проткаена со една парадоксалност: пасхална радост среде Великиот пост. Ирмосите на канонот се воскресенски. „Ова е ден на воскресението: да се озариме, о луѓе! Пасха, Пасха Господова!“ Пасхални восклици среде постот! Зашто кој го гледа Крстот, тој го гледа и Воскресението. Тие две нешта не можат да се одделат. „Ова е ден празничен: при будењето на Христа, смртта побегна; светлината на животот изгреа!“ И ние, во средината на Четириесетницата веќе ја наѕираме таа светлина, не така далечна.

Црковниот поет го нарекува Крстот со имиња што ги собираат сите великопосни теми во едно: „Чесен Крсту, ти си столб на Црквата, утврдување на верните, гордост и спасение на оние кои постат.“ Оти без Крстот, постот е бесмислен подвиг, обично гладување, лишување без цел. Но со Крстот, сè добива смисла. Секој ден без храна е учество во Неговото страдање. Секоја молитва е допир до Неговото дрво. Секоја метанија е целивање на Неговите нозе.

А петтата песна на канонот ни ја дава можеби најубавата слика на целиот ден: „Црквата се покажа како втор Рај, имајќи дрво на животот, како и првиот Рај од старо време: допирајќи го Твојот Крст, Господи, учествуваме во бесмртноста!“ Кој ќе го допре Крстот учествува во бесмртноста. Не утре, не по смртта, не во некоја далечна иднина, туку сега, денес, во овој миг. Претечевиот храм денеска навистина стана рај, и Крстот стана Дрвото на Животот, и ние, кои го целивавме, вкусивме од бесмртноста.

Старецот, пак, облагодатен од силата и од сјајот на Чесниот Крст кој штотуку го издигна пред верните, созерцателно ни проговори за неговото велико таинство, за тоа како Крстот е средоточие на нашиот живот, клуч што ни ги отвори рајските порти и патоказ кон вечноста, кон Христа.

Половина од патот е зад нас. Крстот е во средината. Воскресението е пред нас. И ние, освежени и засилени од денешното поклонение, продолжуваме да чекориме со Крстот во срцето и со Света Пасха во очите.

„Сега пламениот меч повеќе не ги чува рајските порти.“ Рајот е отворен. Доволно е со љубов да влеземе.