Каква радост ја исполнува денес сета вселена! Каков неопислив блесок на светлина ги радува нашите срца! Како да не се радуваме сега кога светата Црква гордо го издигнува и пред очите на сиот свет го покажува Крстот – тоа моќно оружје натопено со крвта Христова, на кое Он го изврши спасението наше и ја победи смртта. Како да не благодариме смирено што ова крсно знамение кое денес така славно го озари небото со своите четири краци, е цврсто закотвено во центарот на нашата спасоносна вера, во центарот на нашиот духовен подвиг и живот во Христа!
Дрвото во рајот ни донесе смрт, но со крстното дрво оживеавме. Со првото бевме протерани од вечноста, со помош на второто повторно се вознесуваме на Небото; со првото непријателот нè порази, со второто извојувавме победа над него. Затоа, ова благословено Дрво е достојно за секаква почит. Ако оружјето со кое Давид го обезглави Голијат се чувало со голема чест во Соломоновиот храм, тогаш уште подостојно за чест и почитување е оружјето на Крстот, со кое Христос победи не човек, туку самиот пеколен Голијат, со сите негови војски.
Крстот е нашиот удел во страданијата Христови, но и наша придобивка запечатена со воскресната радост. Истовремено и болка и слава. Прегрнувајќи го него ја исполнуваме Господовата заповед за љубовта, бидејќи Крстот Негов не е ништо друго туку воплотување на Неговата пожртвувана љубов. Нема ништо пославно, пострашно и попрекрасно од тоа да се сака и да се биде сакан. Да се биде сакан од Бога со сиот Негов живот, со сета смрт на единородниот Син, и да се љубиме еден со друг по цена на животот, а доколку е потребно и смртта, е трагедија, но пред сè победа. Победа на тајната на Крстот. И кога Он во Евангелието на апостолите им кажал: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене“, всушност на сите нас христијаните како да ни упатил порака: Отворете се за љубовта! Не станувајте заробеници на сопствената егоцентричност. Не бидете, според зборовите на Свети Теофан Затворник, како струганки од дрво што се виткаат околу сопствената празнина. Отворете се! Има бесконечно многу начини на кои љубовта може да се доживее, исполни и оствари… Отворете се себеси и сакајте, бидејќи ова е патот на Крстот! Не патот што заедно со Христос го врвеле двајцата разбојници, бивајќи казнети за своите злосторства, туку прекрасниот начин на безрезервно давање на себеси, самозаборавање, постоење само за другите, љубов со сето свое битие – ова и ништо друго е Крстот и славата на Крстот.
Затоа, кога се поклонуваме и го почитуваме Крстот, кога мислиме на Оној Кој се распна на него, слушајќи го Неговиот повикот да се откажеме од себе си, ние сме повикани да се отвориме за напливот на Божествената љубов што е смрт на нашето себељубие и безусловна отвореност кон Бога и кон сите. Да ја научиме славата на распнатата Љубов, на оваа жртвена Љубов, која, според зборовите на Стариот Завет, е посилна од смртта, посилна од пеколот, посилна од сè, затоа што таа е израз на Божествен Живот кој нè освојува и се излева преку нас врз сите оние на кои им треба љубов, за бидат и тие приведени во Живот, да веруваат во Љубовта, да станат деца на Љубовта, деца на Светлината и да го наследат вечниот Живот.
Така, во таа светлина на Крстот, со умиление и благоговение, и оваа година торжествено ја прославивме Крстовденската слава во манастирот на Светиот Георгиј Победоносец во Рајчица. Вечерната богослужба, исполнета со смирение и со небесна возвишеност, ја украсуваше Обителта како блесок на вечна светлина. Под молитвеното претстоење на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, собраните верни се издигнаа во духот кон распнатата и воскресната Љубов, созерцувајќи ја тајната на Крстот како пат на победа и на спасение.
А во својата беседа, нашиот возљубен Старец ни ги откри длабочините на оваа тајна на Крстот, потсетувајќи нè дека Крстот не е само страдание, туку и полнота на љубовта и радоста во Христа. Со татковска нежност тој нè повика да го прегрнеме крсниот пат како пат на самопожртвуваност и светлина, пат што нè возведува од земјата кон небесата и нè прави вистински чеда на Воскресението.































