Оваа моја радост се исполни (Јован 3,29) – сведочи гласот на оној што вика во пустината, на најголемиот помеѓу родените од жена, Крстителот Господов, излевајќи ни радоснотворни струи од својата икона наречена Бигорска. Имено, неговиот храм денеска беше сведок на еден редок настан во последните децении, а тоа е радоста од сослужението во Христа, радоста од единството и љубовта. Имено, во првиот ден од седмицата по примањето во канонско и евхаристиско единство на нашата света Охридска Архиепископија од страна на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх, г. г. Вартоломеј и на Мајката Црква Вселенска Патријаршија, на сослужение и заедничка радост од братска Грција пристигна Неговото Високопреподобие Архимандрит г. Матеј (Псомас), кој несебично се вложи во подигнувањето на крстот на нашата Црква кон патот на единството со целата православна Црква, овозможено преку најсветата првопрестолна Вселенска Црква во Константинопол.
Најголемата радост и благодат, дури и до солзи, ја доживеа нашиот старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, кој од Евангелското четиво на овој ден, кога си спомнуваме за чудото за исцелението на раслабениот во бањата Витезда, од своето длабоко богољубие и богато монашко искуство, ни беседеше за важноста на трпението и благодарноста со кои треба да се украсуваме.
Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено во четвртата недела од Света Пасха, по читањето на Евангелието на Светата Литургија, на 15 мај 2022 лето Господово
Денес, мили мои, од Светото Евангелие според Јован чувме за чудото што Господ наш Исус Христос го изврши над фатениот човек во познатата ерусалимска бања Витезда. Во неа имало многу болни, а среде нив и еден фатен, кој цели 38 години трпеливо лежел во постела и чекал исцеление. Зашто, во таа бања неколкупати годишно се случувало ангел Господов да ја раздвижи водата и тогаш кој прв ќе влезел во неа оздравувал од секаква болест. Но, за овој тешко болен и неподвижен човек немало кој да се погрижи и да го спушти во водата во тој миг на раздвижувањето, така што тој и понатаму си останувал страдалник. Веројатно некои се обиделе некогаш да му помогнат, но со оглед на неговата тешка состојба, сите го губеле трпението со него. И ете, во една таква мачна околност за овој паталец, Христос дошол пред празникот јудејски, за да ги посети болните во Витезда. Како сезналец, Кој ги знае срцата и мислите на луѓето, Он милостиво погледнал на големото страдање и трпение на овој човек и го прашал: Сакаш ли да оздравиш? Фатениот Му одговорил: Да, Господи! Само немам човек што ќе ме спушти во бањата кога ќе се раздвижи водата; додека јас да дојдам, друг слегува пред мене (Јован 5,6-7).
Немам човек. Колку трагично и очајно звучат овие зборови! Да немаш никој покрај себе во најголемите маки. И одеднаш, ете Го пред него Човекот и Човекољубецот, Исус Христос, Кој дојде, за сите да нè исцели од болеста Адамова и да нè преобрази во вистински луѓе. Новиот Адам, образецот за вистински човек. Он Го исцелува фатениот, кој покажал навистина несфатливо трпение. Не губел надеж дека еден ден и врз него ќе дојде милоста Божја и дека и тој некогаш ќе биде здрав. Со Христа навистина дојде тој ден и неговите надежи се овистинија, трпението се покажа полезно.
Нема никаков сомнеж дека трпението е една огромна добродетел и дека Господ ги наградува трпеливите. Сепак, поединечната добродетел, доколку не е сврзана со другите добродетели, не е доволна за целосното и конечно спасение. Сите добродетели, всушност, треба да се поврзани една со друга, преку љубовта која е врска на совршенството (Колос. 3,14). И Апостолот Петар ги советува Христијаните да ги надоградуваат добродетелите една со друга: Принесете кон верата своја добродетел, а кон добродетелта знаење, кон знаењето воздржување, кон воздржувањето трпение, кон трпението побожност, кон побожноста братољубивост, кон братољубивоста – љубов (2. Петр. 1,5-8). Болниот човек од бањата несомнено имал трпение, но немал љубов ни благодарност. Тоа може да се заклучи од самото негово однесување после исцелението. Тој не покажал некоја посебна заинтересираност да Го пронајде својот Добротвор, да Го запознае, да Му се заблагодари. Затоа, кога отпосле Христос ќе го сретне во храмот, му вели: Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо! (Јован 5,14)
Кој беше тој човек? Истиот оној кој, кога Христос беше однесен на суд кај првосвештеникот Кајафа, бесрамно Му удри шлаканица. Замислете, се дрзна да Го бие својот Добротвор Кој го беше исцелил од 38-годишното мачеништво! Гледате ли колку страшна е неблагодарноста! Затоа, мили мои, да се трудиме да се надградуваме себеси со сите добродетели, ако сакаме да бидеме вистински Христијани и да Му угодиме на Бога и на нашите ближни.
Денеска ја служам својата прва Литургија откако Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј ја прими нашата Црква во канонско единство, под нејзиното славно, древно и еклисиолошки исправно име Охридска Архиепископија. Ми навираат солзи, ме брануваат силни емоции, дотолку повеќе што на оваа Божествена Евхаристија со нас сослужува и нашиот голем пријател и вистински брат во Христа од православна и братска Грција, Архимандритот г. Матеј. Иако досега не можеше вака да сослужува со нас, поради тоа што се наоѓавме во сестрана изолација и шизма, тој непрестајно беше со нас во изминативе години. Нашите радости и жалости беа и негови радости и жалости и обратно. И ете, сега Господ благоволи токму тој прв да сослужува со нас.
Мили мои, и ние, како фатениот во бањата, исто така чекавме долги години да се исправи неправдата врз нашата Црква и да се најде човекот што ќе нè избави од нашата Витезда на осамеништвото. Господ ни ја испрати Својата милост преку богомудриот и просветлен Патријарх Вселенски, Неговата Божествена Сесветост г. г. Вартоломеј. Дај Боже сè да биде завршено како што треба, оти, како што знаете, и во земската Црква, како и во секоја друга човечка институција, луѓето не се ослободени од дејствувањето на гревот и на страстите, па затоа и се случуваат многу различни искушенија. Да се молиме сите, за ова дело, кое започна со нашето канонско примање во единство со целата православна екумена преку првопрестолната Мајка Црква во Константинопол, да заврши онака како што ние посакуваме – со доделување Томос за автокефалност. Но, за да се случи тоа, неопходно е да бидеме благодарни. Оти, видовме што се случи со денешниот фатен човек кој се покажа неблагодарен. Иако беше исцелен од Христос, тој, поради гордоста и неблагодарноста, западна во големи и тешки гревови и така неговата втора состојба стана многу полоша од првата. Тој стана духовен инвалид и дури богоборец.
Да се радуваме за ова свето дело што ѝ се случи на нашата Црква. Да се радуваме и да Му се молиме на милостивиот Бог тоа да биде приведено докрај. Нашите срца да бидат исполнети со благодарност, пријателство, љубов. Секое добро дело, секоја добродетел е дар од Светиот Дух и секој Христијанин е должен да се причестува во со благодатните дарови на Светиот Дух. Сегашново сослужение е пример за едно такво големо пријателство. Отец Матеј прв дојде да се радува со нашата радост, според зборовите на Апостол Павле: Радувајте се со оние што се радуваат и плачете со оние што плачат! (Рим. 12,15) И Господ се радува на ваквата љубов и ја благословува.
Сега да продолжиме со канонот на Евхаристија, предавајќи се себеси потполно на благодатта Божја, која нè води кон духовните созерцанија. Амин!
Христос воскресе!