Незгасливата љубов на Дебрани кон Света Петка

Кога со леењето солзи го угасна распалувањето на телесните страсти, а го запали огнот на Божествената љубов, ти се озари со бесмртноста на Царот Христос, и Му се придружи Нему, добра девојко, и со Него влезе во духовната палата. Параскево, моли се за душите наши

(Слава на Господи повикав)

 

Колку е чудесна Божествената љубов! Кога таа ќе се разгори во срцето, човекот ја заборава сета светска суета, ја остава сигурноста на домот и се препушта во Божји раце, за Он да го води низ сите храбри подвизи во Негова слава, па било да е тоа и во непристапната и сурова пустина. Оти каде е Бог, таму е и Рајот. И само Бог може од едно нејако женско суштество да направи силна подвижничка и голема молитвеничка за човечкиот род, каква што била Светата Параскева, чиј спомен денес го чествуваме. Таа, откако се удостои со небесна слава, пребива во радоста на својот Господ и Нему непрестајно Му се моли за сите оние кои во своите неволји прибегнуваат кон нејзиното посредништво.

Дебрани од секогаш ја чувствувале нејзината молитвена закрила, бидејќи уште одамна се довериле на нејзините силни молитви пред Бога. Таа е постојано и таинствено присутна во животот на оваа мала паства, која и денес со особена љубов и почит го наполни нејзиниот храм, за да ги упати своите молитви кон неа и достојно да го прослави нејзиниот празник. Беше навистина радосно да се присуствува на оваа благодатна богослужба и да се види силната вера на Дебрани, кои и до ден денес во срцата останаа верни на споменот на Светителката.

Нека таа и понатаму ги поткрепува со своите силни молитви, нека ги запазува цврсти во верата и нека измоли од Бога за нив благодат уште долги години да пребиваат во здравје, радост, мир, братољубие и со својот богоугоден живот да остават добар пример за идните генерации.