Во тивката прегратка на ноќта, кога сè земно се стишува и молчи, а Небото се отвора и шепоти, во Светата Бигорска Обител на Чесниот Претеча, нашето братство со притекнатите верници се собра околу својот животен призив – блаженото покајание, за да влезе во најсветата тајна на богосозерцанието. Четвртокот од петтата седмица на Светата и Велика Четириесетница, познат по своето покајничко бдение, повторно го отвори пред нас чудесниот и мошне инспиративен животен пат на преподобната мајка наша Марија Египетска – пустиножителката којашто од понорот на гревовниот пад се искачи до висините на светоста.
Нашиот возљубен Старец, Преосветениот Антаниски г. Партениј, со својот умилителен и од огнот на Духот проникнат глас, ја изговори светата повест за таа голема покајница, која од срамот на телесната страст се преобрази во чист сад на Божјата благодатта. Секој збор од житието беше како капка од миро што ја омекнува нашата скаменета душа. Потоа, гласот на Старецот се слеа со божествената мелодија на покајанието: Великиот покаен канон на Светиот Андреј Критски.
„Од каде да почнам да ги оплакувам делата на бедниот живот мој? И што да поставам за почеток на плачот мој сегашен, Христе? Но Ти, како Благоутробен, дај ми прошка на прегрешенијата…“ – како да извираа од длабочините на секој присутен солзи на вистинско сокрушение.
Со секој изустен тропар душата се растреперуваше, а потоа бргу се соземаше и се обновуваше во една светла надеж. Надеж што не посрамотува, надеж што утешува, освежува, смирува, зашто се темели врз крстот и крвта на Спасителот. Бдеевме не само со очите и телето, туку и со срцето, со умот, со мислите – будни во духот на Светата Марија Египетска, будни во болката од својата оддалеченост од Бога, но и во верата и надежта дека таа далечина може да се скрати со едно длабоко и искрено: „Помилуј ме, Боже, помилуј ме!“
Наутро, на светлиот праг меѓу ноќта и денот, со Литургијата на Претходноосветените Дарови, заврши ова традиционално покајничко бдение. Чесните и животворни Тело и Крв Христови, сокриени под темните покровци на постот, ни се дадоа како благослов, како уверување дека покајанието не е меланхолија, не е крај, туку вовед во светлина и почеток на воскресение.
Зашто и самиот Свети Андреј ни вели:
„Иако згрешив, Спасителу, знам дека си Човекољубив; казнуваш милостиво и милуваш благодушно, на расплаканиот погледнуваш, и како таткото притекнуваш блудниот син да го пречекаш“.
Во овие благодатни покајнички мигови, кога Великиот Пост веќе нè воведува во стазите на Крстот и страданието на Спасителот, научивме дека патот кон Воскресението минува преку солзи, преку распетие на сопственото его, преку самоспознание, преку искрена исповед, преку воздишката на срцето:
„Пленик сум на разбојници – помислите мои, и сиот од нив повреден… Но Ти, Христе, дојди и исцели ме!“
Бдението е зад нас, подвигот кон Воскресението е пред нас. А благодатта што Бог милостиво ни ја дарува нека ни биде сила за покајание и надеж за спасение.
Слава Ти, Христе Боже, надеж наша, слава Ти!