Премудроста Божја низ тајната на животот на Пречистата Богородица ги извршила највосхитувачките нешта за спасението на човечкиот род. Тоа преисполнето со смирение и чистота Божјо создание се удостои да стане почесна од Херувимите и неспоредливо пославна од Серафимите. Таа е Мајка на Животот, Родителка на беспочетниот Бог и најширока прегратка за човечкиот род и неа ја славиме постојано, а особено денес, на нејзиното славно Рождество од светите и праведни Богоотци Јоаким и Ана.
Богородичната прегратка ги собира сите во чудесна радост. Мајката на сите, мајчински ги прегрнува многуте верни кои притекнуваат во нејзините храмови, за смирено да ѝ ги излеат своите моленија. Ете и овој пат, таа одново нежно ги прегрна, излевајќи го штедро својот благослов на илјадниците верни во нејзиниот преславен и во последно време со голема љубов преукрасен храм во нејзината Обител „Пречиста Кичевска“, притекнати тука, за да се помолат и да воскликнат во обилната радост со која е украсен овој нејзин празник.
А оваа свештена ноќ беше навистина посебна, зашто во монашки потстриг за рамноангелски живот беше повикана Богородичната избраничка од нејзиното смирено и верно Пречистанско сестринство, којашто по благословот на нашиот духовен родител во Христа, Старецот Епископ г. Партениј, овде верно ѝ служи на Царицата Мајка.
Божествена благодат бликаше сношти, радост се отсликуваше на сечие лице, трепереше секој поклоник дојден тука во слава и поклонение на Пречистата. И Таа, благодатно присутна меѓу нас, со топла љубов ги исполнуваше срцата на сите поклоници и молители. Сепак, несомнено најсилно таа ја прегрна својата нова монашка рожба, духовно родена и воспитана за монашки подвиг од нашиот Старец, а сега принесена пред светиот олтар под закрилата на старешинката на Обителта, монахиња Харитина. А таму, пред светиот и сечесен олтар, пред тој свештен простор во кој невидливо пребива Самиот Христос и целата небесна Црква, нашата сестра Николина, ги положи возвишените монашки завети и од рацете на нашиот монахољубив архипастир, Високопреосветениот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, ја прими рамноангелската монашка схима, облекувајќи се во светата облека на доброволното сиромаштво, девственост, послушание и духовна радост. Новопотстрижената сестра Теодосија, вбројувајќи се во ангелскиот монашки ред, го доби славното име на светата Преподобномаченица Теодосија Константинополска, која сега стана нејзина моќна застапница пред Бога. Новата невеста Христова го доби тоа монашко име исто така и во чест на достојно споменуваниот ктитор на денешниот величествен соборен храм на Манастирот, блаженоупокоениот игумен Теодосиј, кој ја изградил оваа црква во 1848 година.
А нашиот почитуван владика г. Тимотеј, кој отсекогаш негува посебна љубов кон Пречистанската Светиња, честитајќи и на новозамонашената сестра Теодосија во своето пригодно слово, пастирски се осврна кон значењето на денешниот празник:
„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Во денешниот тропар, прославувајќи го најголемото и серадосно собитие во домостројот на нашето спасение – рождеството на Богомајката, воспеваме: твоето рождество Богородице Дево, радост ѝ возвести на сета вселена.
Како ние да не се радуваме, како да не торжествуваме, кога денеска го прославуваме почетокот на севкупната светска радост. Токму затоа и светата Црква нѐ повикува кон торжество и радост. Овој ден е Господов и затоа радувајте се луѓе! Со раѓањето на Божјата Мајка се отвора нов период во историјата на човештвото. Со раѓањето на Преблагословената настапило тоа време кое со нетрпение го очекувале сите старозаветни луѓе и за кое пророците пророкувале.
Раѓањето на Богородица му ја возвестува на светот големата радост дека настапило времето на исполнување на ветувањата Божји. Тоа се ветувањата за спасение на паднатото човештво и за доаѓањето на Искупителот – Синот Божји, Кој со Својата смрт и Воскресение го разрушува царството на гревот, проклетството и смртта, и го победува ѓаволот, а го отвора патот за оние коишто го сакаат Царството Божјо. Раѓањето на Преблагословената Дева Марија му ја возвестува на светот таа света радост дека во паднатиот човечки род се појавила чиста, непорочна и света Дева, која се удостоила да постане живеалиште на Самиот Бог. Да постане Мајка на Создателот на целиот свет, на Царот на небото и земјата. Божјото небо на земјата се роди – така пее светата Црква. Според својата чистота, таа е превознесена и препрославена над сите созданија, не само земни туку и небесни, постанувајќи почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите, Царица на ангелите и на луѓето. Имено, со овој радосен ден, со рождеството на Богомајката, му се открива на светот предвечниот совет на Пресветата Троица за спасението на човечкиот род.
Затоа и светата Црква ги повикува своите верни чеда кон радост и торжества. Овој ден е Господен, воспева таа, радувајте се луѓе. Светата Богомајка се јавува како духовна скала по која Бог се јави на земјата и со луѓето поживеа. Се исполнило ветувањето дадено на првородителите – семе од жена ќе ја уништи главата на змијата. Како да не се радуваме кога преку Неа, преку Пресветата Дева Марија, слегол кај нас на земјата Самиот Бог, Спасителот на светот – Господ наш Исус Христос.
Родителите на Пресветата Дева Марија биле многу побожни и праведни, но немале пород и поради тоа биле презрени од луѓето. Се сметало дека се многу грешни, па затоа Бог не им дава пород. Но, тие, и покрај тоа што биле стари, се молеле на Бога да им го тргне тој срам од пред луѓето, со ветување дека доколку добијат дете ќе го посветат да служи на Бога. Така и се случило. Кога биле згаснати сите телесни страсти, ангел им јавува дека нивната молитва е услишана и ќе добијат пород. Веднаш по слушнувањето на оваа радосна вест, отишле во Ерусалимскиот храм да Му заблагодарат на Бога, а кога се родила нивната ќерка ѝ дале име Марија.
Таква е содржината на денешниот празник. Благодатното житие на праведните Јоаким и Ана се јавува како неопходен праобраз за секој христијанин, затоа што честопати Господ не ги исполнува веднаш нашите молби и барања. Некогаш претрпуваме и маки и болки пред да дојде радоста и милоста Божја. Господ претходно го испитува срцето на човекот, дали тоа срце е праведно. Тоа постепено се очистува како златото во печка, преку страдање и трпение, и после тоа испитување, Господ му испраќа на оној кој просел благословен плод, а на ожалостениот голема утеха.
Така педесет години Господ ги подготвувал прародителите Јоаким и Ана да бидат удостоени да бидат родители на Пресветата Дева Марија. Педесет години ги очистувал пред да ја зачнат Марија, Мајката Божја. Било потребно нејзините родители да се ослободат од човечките телесни страсти, за да се зачне не од страстите туку од молитвата и содејството на силата Божја. Затоа и се раѓа такво чисто суштество, а тие се удостоени да се наречат Богоотци.
Сите родители знаат дека нема поголема радост од тоа да се има деца. Уште поголема радост е кога тие се чесни, работливи, трудољубиви, а, пак, нема поголеми потешкотии од тоа кога се болни, несреќни и сл. Особено мајките се подготвени да направат сѐ за да им биде подобро на нивните деца. Затоа и нема ништо поголемо од мајчиното страдање. Но, во тоа страдање мајките не се оставени сами, тие ја имаат најголемата помошница и застапница, Пресветата Дева. Таа ги преживеала болките и страдањата повеќе од сите мајки, тогаш кога стоела пред Крстот на својот Син и Бог. Затоа и Бог ја поставил пред својот Престол Небесен. Толку високо е оценета пред Господа љубовта мајчинска.
Па и ние кои сме собрани во овој свет манастир, да ја прославиме Пресветата Дева Марија и нејзините родители, и да просиме милост од Господа, па Он Кој ја поставил толку високо пред Својот Престол љубовта мајчинска, да биде близок и на нашите срца. Да просиме и да се молиме секогаш, а особено вечерва кога ја прославуваме Богомајката и нејзните родители. Во овој радосен и спасителен ден да ги собереме сите книги и песни во чест на Богомајката и од сето срце да воскликнеме – те величаме Пресвета Дево и ги почитуваме светите твои родители и сеславното твое рождество. Амин“.
Нека е за радост на ангелите и пораз на демоните!