Д
енес Обителта на светиот Георгиј Победоносец во Рајчица ја умножи својата воскресна радост, насладувајќи се од архиерејската пасхална Литургија, која ја отслужи нашиот најсакан Старец и владика, епископот Антаниски Партениј. Тој и оваа година со голема љубов ги собра во Рајчичкиот храм верните Дебарчани за и со нив да ја сподели радоста на Воскресението.Сакајќи да им ја утврди верата во Воскреснатиот Бог, Старецот го искористи примерот со апостолот Тома, кој бараше да Го види за да поверува, како што се читаше на Евангелието на Вечерната на љубовта. Но откако на осмиот ден Тома се увери во Христовото славно Воскресение, допирајќи ги раните на Неговите раце и нозе, Господ сепак му рече, а преку него и на сите нас: Блажени се оние коишто не виделе, а поверувале:
„Господ треба да Го гледаме во нашите срца. Не е потребно да Го видиме со телесни очи за да поверуваме во Него. Еве апостол Павле не беше еден од дванаесетте апостоли, не Го виде Христа додека Он беше во тело во овој свет, а сепак во своите посланија тој пишува дека Сам Господ, Кој му се откри во видение, го научи што треба да прави. Значи Господ има многу начини да ни се открие, да ни зборува доколку ние го посакаме тоа. Така Он низ целата историја ги учел оние што со вера Му се обраќаат. И ние денес сме призвани од Него како апостолот Павле и Господ нѐ учи преку Светиот Дух. Но, што ни е потребно? Треба да се поучиме од апостолите кои после Воскресението, иако беа во недоумица, во страв, во неверие, зад заклучени врати, сепак имале голема желба да Го видат Господ. И заклучените врати не беа проблем за Христа. Он се појави помеѓу нив, им го даде Својот мир, им ја даде радоста на Воскресението. Така Он лесно може да влезе и во нашите срца, доколку ние Го побараме. Сѐ што Му е потребно, за почеток, е нашата желба да бидеме секогаш со Него. Затоа ајде да посакаме да Го задржиме во нашето срце, да Го заклучиме во него со љубов и никогаш да не Го оставаме, за да бидеме вистински радосни и да го имаме Неговиот мир. А таа вера што апостолите ја исповедаа после Воскресението Негово, да ја направиме и наша вера. Да ја чуваме неосквернета во нашите срца, та да можеме секогаш да Го сведочиме Бога и оваа вера да ја предаваме и на другите. Така ќе можат и тие, гледајќи го нашиот живот да извикаат дека Христос е вистинскиот Бог.“
Христос воскресе!