Педесетница во „горната одаја“ Бигорска

Светиот Дух дава сè: Он е Изворот на пророштва, ги усовршува свештениците, неписмените на мудрост ги учи, рибарите ги направи богослови, го утврдува целото црковно собрание. Едносуштен и сопрестолен на Отецот и Синот, Утешителу, слава Ти.

Кога семето е посеано, потребна му е силата на топлината и светлината, за да израсне. Кога дрвото е засадено, потребна му е силата на ветрот, за да го укрепи. Кога домаќинот гради куќа потребни му се добри занаетчии, за градбата да биде стабилно и сигурно живеалиште. Синот Божји, пак, посади дрво на дивото поле на смртта, кое за да биде цврсто и во свое време да даде богати плодови, требаше да биде поткрепено, стоплено и просветлено со силата на Светиот Дух. Он, облекувајќи човечко тело, целото човештво го облече во божественост, ги соедини Небесата со Земјата, си создаде домови од избрани човечки души – Своите Апостоли, преку кои го посеа најдоброто семе во овој свет. Совршената Негова љубов беше подготвена на сè, само за да се изврши делото на спасението. И еве, сега се заокружува тој Домострој Божји: човекот се повикува во свештено заедничарење со Бог Света Троица. Има ли поголем дар од овој?! Има ли некоја повозвишена можност од таа слободно и послушно да Му се ветиме дека ќе бидеме Негови, дури до последниот здив?! Оти ако вистинската љубов се изразува во слобода, тогаш плод на совршеното послушание е совршената радост, како сила на љубовта.

Сега како да Му возвратиме на Христа за овие непроценливи дарови? Како да Му се заблагодариме за многуте добрини со кои Он, преку силата на Светиот Дух постојано нè опсипува? Не постои поголема радост од онаа во која сите сме заедно, и сме едно, собрани околу својот Господ. Такво благодарствено заедничарење се случи измината вечер на бдението и денеска на Божествената Евхаристија и на Вечерната богослужба со призив на Светиот Дух, во горната одаја на Бигорскиот манастир, во свештениот храм на Претечата. Таму, слушајќи го умилното пеење на членовите на хорот „Митрополит Козма Пречистански“, мисловно се упативме кон Ерусалим, кон горната одаја во која некогаш се собраа Неговите избрани Апостоли, очекувајќи Го слегувањето на Светиот Дух. Оти Он, всушност, испраќајќи Го Духот Свој Свет врз Апостолите, за да можат тие од Него поткрепени да го просветат целото човештво, нè повикал и нам да го продолжиме тоа свештено дело, сведочејќи ја совршената љубов и радост, сеејќи го семето на милоста Негова која нè прегрна и ги стопли и рашири нашите срца. Или како што денес, пред групата млади членови на хорот „Митрополит Козма Пречистански“, во својата приемна просторија после прекрасната богослужба, рече нашиот Старец, владиката г. Партениј: „Деца мои! Он сите нè повикал, нè уловил за да ја сееме љубовта, да го распространуваме Неговиот благослов; нè уловил од морето на гревот, од бездната на мракот, нè уловил од темнината на овој свет што самите ние со делата наши го уништивме. Христос, почитувајќи ни ја слободната волја, нè лови за Царството Небесно, нè лови со Неговата љубов, онака како што тогаш со Неговиот императив: „Врвете по Мене!“ – ги уловил апостолите. Неговиот Божествен глас и денес повикува и блажени сме што сме Го чуле, што сме тргнале по Него. Ете сега, вие пеете во хорот, ги пеете божествените зборови, ги пеете зборовите запишани од Светите Отци коишто ги составиле богослужбите на овој голем празник. Но не си дозволувајте да останете само на тоа; трудете се да ја разберете длабочината и суштината на тие зборови. А во тоа на сите нам ќе ни помогне Светиот Дух Кој денес Го славиме: ’Цару Небесен, Утешителу, Духу на Вистината, Кој си насекаде и сè исполнуваш‘, Кој нè просветлуваш, нѐ учиш… Научи нè на сите добри нешта! Најмили мои, Он ќе нè направи мудри. Ви благодарам што денес бевте со нас, ни беше многу убаво да ве слушаме, да ве гледаме на молитва заедно со нас. Доаѓајте секогаш, во секоја прилика, за да се дружиме во Христа, да бидеме среќни. Оти само доколку сме заедно, благодатта Негова ќе нè утешува и просветлува. Да сте ми најблагословени“.