Ете, ни настапи најрадосниот ден на Педесетницата! Великиот благослов со доаѓањето на Светиот Дух се спушти на учениците Христови и на Светата Црква Негова. Мајката Црква во Константинопол се радува и ликува во сета полнота, бидејќи ја прими во прегратките својата одамна очекувана и изнамачена ќерка, древна и историска Охридска Архиепископија, која во дворовите Господови на Патријаршискиот храм на Свети Георгиј во Фанар зачекори, чувствувајќи се безбедно и љубовно во својот дом, кој е заеднички за сите сестрински помесни цркви и каде сета православна екумена ги излева своите молитви, ги споделува своите радости и таги, ги полага своите надежи и црпи Божествени вдахновенија и сили од сечесниот Центар на распнатата за сите Црква Христова, подобно на Спасителот Христа, како Негово тело.
Пресветиот и Божествен Дух, Кој го држи и затоплува сето тело на Црквата, Кој е врската на единството и мирот, преку Кого сѐ беше создадено и сè се движи, денес, на оваа Педесетница, благоизволи да ја сврзе во едно најсветата Охридска Архиепископија со Првопрестолната Мајка Црква во Константинопол, Вселенската Патријаршија, а преку неа со сета полнота на Православието и да ја принесе пред предвечната и надразумна љубов на Пресветата Троица.
Сите ангелски чинови се радуваат и слават, а заедно со нив и ние земните, зашто копнежите наши и на нашите предци се остварија преку превеликиот сеторжествен настан и радоста што Светиот Дух ни ја приреди во Фанар. Не помала беше и радоста на Константинополската Мајка Црква, која се радуваше на својата ќерка Црква, свештената Охридска Архиепископија. Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх, г. г. Вартоломеј, поглаварот и гласот на првопрестолната и првоапостолска Црква во Константинопол, низ радосно-трогателно слово проговори за овој редок настан, благоугоден на Светиот Дух:
Судот на Константинопол е милостив, братољубив и исцелителен. Не е суд авторитарен, истребувачки и самофален. Тој е лек и исцеление. Тој е болка поради проблемот и радост заради решението. Востановувањето на полното црковно општење со вас и во продолжение, црковното изнаоѓање на институционалниот строеж за вашето битие, во конкретниов историски момент, дава повод за сè што нагласивме и за понатамошните работи, бидејќи Великата Христова Црква во Константинопол ја сече неблагодарноста и суровоста на оние што беа излечени преку благодатта на животворниот Свет Дух.
Внимавајте врз себе, браќа! Влезете во сокровиштето на Соборноста. Ромејството не е показен национален идентитет, ами токму Црковен. Великата Црква на своите чеда им ги дава во наследство сите нејзини својства. Им ги дава во наследство трпението, благоста, помирувањето, кротоста, добротата, надежта, љубовта; со еден збор, сите дарови на Светиот Дух.
Сега е време да ја ревидирате еклисиологијата на самодоволноста и на интровертноста во лоша смисла. Одгледувајте го сето она што ви го доверивме и умножете ги вашите таланти. Потребна е стабилност. Несигурноста за припадност, како и лошо навлезената терминологија за Славофоно и Елинофоно православие не претставуваат вистински дилеми. Една и неразделна е Православната Црква. Го немаме луксузот да се делиме и да се ситниме. Знаете многу подобро од кој било друг, колку е непропорционална цената за раздорот и тврдоглавата настојчивост.
Татковски ве поттикнуваме да се доверите срдечно на вашата Мајка Црква; да ја возложите вашата грижа врз нејзината промисла и родителска грижа; да слушнете што ѝ вели Духот на Црквата; да бидете настојчиви во молитвата и во прекршувањето на лебот; да ревнувате за подоброто и за спасителното. Ние и повторивме, а и претходно изразивме во врачениот ви Акт за востановување на евхаристиското општење, дека сме расположени – се разбира, во рамките на црковно формираната и прифатлива практика – да се наведнеме и да се посветиме уште повеќе на вашето прашање. Вашиот понатамошен напредок зависи исклучиво од вашето лично однесување и од вашиот избор.
Најсвештен Архиепископе Охридски г. Стефане, на крајот на денешното наше историско сослужување со Вас, во овој наш Сечесен Патријаршиски Храм, го насочуваме нашето слово, нашиот ум и срце кон сите наши возљубени чеда од Најсветата Охридска Архиепископија во државата Северна Македонија, водачите и водените, овде присутните и оние што се наоѓаат таму.
Особено се радуваме за личното присуство на Превосходниот Претседател на Владата на Северна Македонија г. Димитар Ковачевски и заедно со него министрите и останатите негови соработници, како и за големиот број на верни чеда од Црквата на оваа благословена земја, кои го наполнија овој славен Храм и му дадоа друга димензија на денешниов празник на Педесетницата – како соборна, така и лична за нас. Веруваме дека овој настан значи потполно разбирање од ваша страна за големината на дарот на Мајката Црква кон вашиот народ, но и за одговорноста која ја понесувате, влегувајќи од денес во Сеправославниот Свет. Огноосветлени од благодатта на Утешителот, Го молиме, Го умолуваме и просиме од животворниот Свет Дух, обновителниот и сесилниот, слаткиот и Кој ги лекува раните, Кој ги надополнува човечките недостатоци, Кој ги испитува нашите срца – да ве утврди во вистината, да ве умножи во верата, да ве умудрува во борбата за Црквата, та и ние, вашиот заеднички отец и застапник, првиот и последниот помеѓу Епископите на Источната Света Христова Црква, да можеме духовно да се радуваме за вас и за вашите дела; та во нив да се прослави сечесното и великолепно име на Отецот и Синот и Светиот Дух, постојано, сега и секогаш и во вечни векови. Амин.
Сослужението на нашиот Архиепископ г. Стефан и Митрополитите г. Петар и г. Тимотеј со Сесветиот Вселенски Патријарх и заеничарењето во телото и крвта Христови, беше изобилен излив на благодатта и љубовта на Светиот Дух, за што нашиот најблажен Охридски Архиепископ, во името на јерархијата и христољубивиот народ на нашата Црква, сегашна и на предците, низ најтопли зборови на благодарност, му се обрати:
Денес, во овој завршен Празник, ние, членовите на Охридската Архиепископија, почувствувавме дека не сме сираци, туку, откако се најдовме во татковската прегратка на Неговата сесветост, возљубениот патријарх г. г. Вартоломеј, враќајќи се од „туѓа земја“, седнавме на трпезата Господова и ја разбравме желбата на пророкот Малахиј: Тој ќе ги обрне срцата на татковците – кон децата нивни и срцата на децата кон татковците нивни… Еве сме, прифатени и возљубени, сослужуваме со приносителот на денешната заедничка жртва од „сите и за сè“, учествуваме во смислата на таинството на Педесетницата кога Божјата благодат се разделува неразделно меѓу разделените.
Ова денешно собитие за нас значи многу: оттаму, од каде што ја почувствувавме иницијативата и го слушнавме радосното решение за нашето барање за еклитон, таму и служиме, и признание добиваме и во литургиското единство со сите се внесуваме, и тоа не каде било – туку во католиконот на Христовата Црква, во таа за нас „горна одаја“; не во кој било ден или празник на верата, туку токму на празникот Педесетница, кога „се востанови Црквата, од аспект на тоа дека апостолите станаа членови на Телото Христово…
Возљубен свештен собору,
Има една очигледна вистина – ако сакаме да ја видиме историјата на Охридската Архиепископија, не може да ја гледаме без присуството на Вселенската Патријаршија. Многу од наследството на Охридската Архиепископија е поврзано со центарот – и во црковната уметност, и во градителството, и во богослужбената традиција итн.
Сè што ќе се сотворело, во својот голем и пораскошен облик, во Константинопол, се појавувало, во својот помал и поскромен облик, и во Охрид. Оваа синергија историски имала свои славни и добри, но и лоши и неповолни моменти, но она што сакаме да го нагласиме е дека Мајката Црква во Константинопол секогаш знаела, а и денес знае, љубовно да го најде патот до срцата на онеправдените, обременетите, страдалните, изнемоштените од неприликите на времето и на историјата, па дури и кога тоа се случувало и поради нејзините постапки.
Таа никогаш не престана да се дели, да се споделува, да одделува од себе за да ги израдува своите деца. Така, изземајќи ги старите Цркви на Исток, сите други Цркви, и тоа во времиња неповолни и тешки, времиња страдални, маченички, се создадени со нејзиниот благослов и од нејзината канонска територија… Така бива и сега, со ова воздигнување и со ова возобновување на Охридската Архиепископија.
Ваша Сесветост,
Вам Ви е добро познат копнежот на нашата јерархија и на нашиот православен народ, и тоа не го сокриваме од Вас и пред Вас, и пред членовите на свештената јерархија на Вашата Црква и на верниот народ што ѝ принадлежи – да ја видиме Охридската Архиепископија возобновена и уредена како автокефална Црква. Но, Господ ни е сведок, дека колку ни е надежта голема, уште поголема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Вам Ви го оставаме судот на времето, но Ве молиме – не заборавајте нѐ, помагајте ни да растеме…
Нека одекне силно, преку гласот на Мајката Црква и владичица, началничката помеѓу Помесните Цркви, веста за ова денешно собитие на воспоставувањето на литургиското единство низ православниот свет, за оваа Педесетница во која, после столетија и столетија, Константинополскиот патријарх претстоеше на заедничкото дело на Црквата, сослужувајќи со Охридскиот Архиепископ, таткото со синот, братот со братот, сослужителот со сослужителот… Денес сите заедно слават и се радуваат: Небото и Земјата, живите и покојните, минатото, сегашноста и иднината!
Нека е за многу години денешнава радост! Нека е нераскинливо нашето завештание со Светата Мајка Константинополска Црква! На многаја лета, Сесвет Владико!
Нека Бог го благослови и зацврсти ова единство и љубов, да го преумножи и прослави, сега и во вечноста, во слава на Бога, Отецот и Синот и Светиот Дух!