Под молитвеното застапништво на светиот отец наш Николај Чудотворец

Љубовта кон Бога и единството преку таа љубов со Бога е првата и последната цел на животот на секој христијанин. Вистинскиот и проверлив знак за таа љубов е исполнувањето на заповедите на возљубениот Господ, особено заповедта за љубовта. Кога човек ќе достигне зрелост и совршенство во љубовта кон Бога, тогаш таа љубов природно се прелева и во искрена, жртвена и нелицемерна љубов кон ближните.

Еден таков совршен делатник на Божјата љубов, кој целосно се соединил со Бога и станал жив сведок на Неговата благодат, е несомнено денешниот славеник на Црквата Христова – светиот Христов архиереј Николај Мирликиски Чудотворец. Самото спомнување на неговото свето име во срцата на верните буди радост, надеж и благородни чувства, а истовремено раѓа силна доверба во неговото моќно и брзо застапништво пред престолот Божји. Тоа е така затоа што низ вековите, безброј пати се потврдило неговото чудесно притекнување напомош кон оние кои со вера, смирение и надеж го повикуваат неговото славно име.

Спомагател на неволниците, заштитник на обесправените, утешител на ожалостените, поткрепител на вдовиците, богатство за сиромашните, пример за архиереите, учител на монасите и грижлив духовен родител на верните – свети Николај со векови останува еден од најомилените и најпрославуваните светии на Црквата Божја.

Задоена со длабока и синовска љубов кон овој сесветски светилник на Христовата светост, љубов што ја примила од својот старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј – кој уште од најрана возраст го возљубил свети Николај како син таткото свој – Бигорската свештена обител и оваа година со особена радост и благодарност го прослави неговиот свет спомен.

Во таа празнична атмосфера, денеска во манастирот се отслужи свечено манастирско сослужение, предводено од нашиот Старец, заедно со монашкото братство, во кое верниот народ молитвено заедничареше во светата Евхаристија. Целокупното богослужение беше длабок и искрен излив на благодарност, љубов и усрдна молитва кон големиот Божји угодник и омилен отец и утешител.

А светиот чудотворец, како и секогаш, не остана должен: со своето тивко, но моќно застапништво, тој ја излеа Божјата милост врз сите присутни, дарувајќи им духовна утеха, укрепување во верата и мирот Христов, кој го надминува секој ум.