Како светол благодатен облак што се спушта од небото и ја осенува земјата, така и оваа година Покровот на Пресветата Богородица се спушти над верните во с. Ростуше, во сечесниот храм посветен на нејзиното богопрославено име. Таму, каде што пред три години беше осветен овој свет дом – плод на љубовта, подвигот и молитвениот труд на нашиот старец, епископот Антаниски г. Партениј – верните повторно Го вкусија благословот од таинственото присуство на Мајката Божја.
Божествената Литургија, со којашто чиноначалствуваше Старецот, беше вистински извор на утеха и духовно просветление. Сè во храмот сведочеше за едно таинствено присуство, за едно небесно спокојство на душите, кога небото и земјата се соединуваат во молитвата и благодарење. Како некоја нова Влахернска црква, и овој ростушки свет храм се исполни со благодатна тишина и со чувство дека Пресветата, Царицата Мајка, стои над народот, со раширени раце, покривајќи го со својата омофор и со својата милост.
А владиката г. Партениј не пропушти да го украси и ова славје со посебно вдахновена проповед за онаа која ја брише секоја тага од човечкото срце.
Празникот заврши со топла благодарност кон Пресветата Богородица и со молитвена надеж дека нејзиниот Покров ќе продолжи да бдее над овој крај, над храмот изграден со љубов и подвиг, и над сите кои Го љубат нејзиниот Син – Господа Исуса Христа.