Со светлите зраци на чудесата, ги просветлуваш краиштата на светот, како ѕвезда пресветла, и благопријатно мирисаш како божествен рај; секогаш ги веселиш душите наши и болести изгонуваш; затоа, блажени, како должници ти пееме, и со љубов твојот чесен спомен го почитуваме, великомачениче Георгие, моли Го Христа Бога, да им дарува прошка на гревовите, на оние што со љубов го почитуваат твојот спомен.
Засветли денес споменот на светиот великомаченик Георгиј во од него закрилената Обител во Рајчица и ги зарадува душите на сестринството кое овде во негова чест се подвизува. Неизмерна е радоста нему да му се служи и пее, а уште понеизмерна е кога нашиот сакан Старец и владика Партениј со својот штедар благослов е присутен тука, во овој дворец на Светиот, што од него е воскреснат во сета слава и убавина. Голем е честа што и нашите возљубени сестри од манастирот на Богомајката Пречиста денес ги придружија своите молитвени воздишки кон соборот на верните души, празнувајќи го заедно со сите присутни празникот на Победоносецот. Силен е благословот, голема е благодарноста, верна е љубовта која смирено му се принесува на овој моќен заштитник на Обителта.
Неговите молитви нека бидат со сите нас. Амин.