Конференција за животот и делото на св. Нектариј Егински

Извор:

Деновиве во тек е меѓународната теолошка конференција по повод 100 години од упокојувањето на св. Нектариј Егински. Многу почитуваниот и со бројни чуда прославениот Светија се родил во Селиврија, Источна Тракија во 1846 год и по многу претрпени искушенија и неволји, по многу испитанија на неговата цврста и длабоко вкоренета вера во Божјата промисла, која ги допушта страдањата за да го искали смиреното и во Бога вљубено срце, по долг и многуплоден труд на нивата Божја, се упокоил во крајна сиромаштија 1920 год во една Атинска болница. Но и неговото упокојување го одбележало големо и неверојатно чудо – исцеление на еден фатен човек во болницата. Ќе издвоиме неколку од неговите чуда кои го покажаа како голем чудотворец и исцелител, славен на небото и прославен на земјата. 

Во старите руини над кои Свети Нектариј подоцна изгради женски манастир живееле две монахињи. Кога се градел манастирот едната од нив, Анастасија посакала да посади бор. Местото што го одбрала за борот бил десно од црквата. Кога се упатила да го посади, слушнала глас: 

– Не овде, туку малку понатаму. Остави место за гробот. 

Игнорирајќи го овој глас, Анастасија продолжила да го сади дрвото на местото кое што си го одбрала. Но повторно го слушнала истото. Кога и по трет пат се обидела да го засади таму дрвото, Анастасија почувствувала некаква невидлива сила која ја оттурнала наназад. Ете зошто на крај дрвото било засадено малку понатаму, оставајќи мала празнина која подоцна била пополнета токму со гробот на Нектариј што бил поставен на тоа место. 

Некоја побожна жена, која никогаш не го сретнала Свети Нектариј додека тој бил жив, раскажува дека нејзиниот сопруг кој што не бил особено побожен, се обратил во верата кога на погребот на Светиот, при преносот на Свети Нектариј од Атина во Агина, ја целивал неговата рака. Во тој миг на негово големо чудо, ја почувствувал раката топла и мека. За тоа свое доживување и раскажал на својата сопруга, која се нажалила бидејќи таа немала можност да му се поклони на Светиот. Уште истата ноќ на сон се видела себе си во црква, а Светиот Нектариј стоел пред Царските двери, облеан во светлина и служел Литургија. За тоа време присутните во градот извикувале: „Нектариј стана Светија!“  Тогаш таа се пробила низ толпата, му пристапила на јерархот, го примила неговиот благослов и си заминала радосна. 

Наскоро потоа таа го посетила манастирот во Егина за да се поклони на гробот на неодамна упокоениот јерарх. Кога ја видела неговата фотографија, се запрепастила од сличноста со онаа личност што ја видела на сон, бидејќи како што рековме не го имала видено додека бил жив. 

Пет месеци после упокојувањето на Свети Нектариј, монахињите сакале да наместат мермерна плоча над неговиот гроб. Сепак игуменијата Ксенија се двоумела, бидејќи стравувала од помислата дека кога ќе се отвори гробот, неговите останки можеби ќе оддаваат непријатна миризба. Овие помисли не му ги открила никому. Набрзо потоа една од монахињите го видела Свети Некратиј во видение. Светијата ја прашал: 

– Како си? 

– По Вашите свети молитви, добро. – одговорила монахињата. 

Тогаш светијата ѝ рекол: 

– Дојди да те благословам. 

Откако му се поклонила Свети Нектариј три пати ја прекрстил и ја прашал:

– Дали ти мирисам неубаво? 

– Кој вели дека мирисате неубаво Ваше Високо Преосвештенство? Како е можно Вие да мирисате неубаво? 

– Игуменијата мисли така. Игуменијата Ксенија. Погледни ме! Дали нешто ми недостасува? 

Тогаш и ги покажа своите раце, нозе, грбот и запраша: 

– Зарем не сум целосен?

– Да. Вие сте апсолутно целосен.  – се согласила монахињата. Потоа таа ја известила игуменијата за видението. Следниот ден гробот бл отворен и навистина телото на Светиот било  најдено потполно нераспаднато и целосно. Тие посведочија дека рацете, нозете, главата, му биле меки на допир и се виткале. Целото негово тело наликувало на човек кој спие. 

Светиелот и во поново време непрестајно чудотвори. Ова е сведоштво на Митрополитот Бенедикт Филаделфиски за чудо што Свети Нектариј го направил во Јордан, исцелувајќи три месечно бебе. Малечкото било примено на интензивна нега со откажани бели дробови и оставено на одржување со респиратор. Сепак на родителите им било кажано дека нема надеж за нивниот син. Кога Митрополитот бил известен, тој веднаш испратил свештеник по име Нектариј да го посети момчето. Свештеникот го помазал бебенцето со откажани бели дробови со масло од кандилото пред иконата на Свети Нектариј и уште веднаш малечкото заздравело. Следниот ден родителите си го зеле дома во совршено здравје. Во знак на благодарност кон Свети Нектариј го крстиле своето дете со неговото свето име.