(Видео) Празнично сослужение за споменот на Свети Партениј Лампсакиски и јубилејниот именден на нашиот Старец

Празничната радост што вчеравечер го исполни срцето на нашата Света Обител по повод споменот на Светиот отец наш Партениј Лампсакиски Чудотворец, продолжи и денеска, исполнувајќи го Претечевиот храм со љубовта и молитвите на многубројните верници кои дојдоа да му оддадат чест на овој велик угодник Божји. Воедно, ова беше и ден на благодарност кон нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој годинава го прославува својот јубилеен триесетти именден – три десетлетија исполнети со несебична љубов, татковско духовно раководство и неуморна грижа за сите што пристапиле кон светлината Христова преку неговата пастирска служба.

Утрената богослужба и Светата Литургија како круна на целото празнување, го исполнија овој светол ден со изобилна благодат и со духовна возвишеност. На наше големо задоволство, празникот беше збогатен со присуството на Високопреосвештениот Митрополит Брегалнички г. Иларион, некогашен собрат на Бигорската Обител, чиишто непосредност, топлина и братољубие уште повеќе ја возвиши духовната атмосфера. Тој го тајноводеше таинството на Божествената Евхаристија во сослужение со нашиот Старец г. Партениј, заедно со браќата архимандрити, јеромонаси и јероѓакони, како и со благоговејниот свештеник о. Павел Крцоски од Охрид. Молитвеното единство на овие богољубиви свештенослужители беше сведоштво за соборноста на Црквата, а присуството на верниот народ уште еднаш потврди дека љубовта Божја ги соединува сите во едно семејство на радоста Господова.

По читањето на Светото Евангелие, нашиот Старец владиката г. Партениј се обрати кон присутните со вдахновено слово, во кое ги истакна духовните пораки од животот на Свети Партениј – неговата несебична љубов кон Бога и кон луѓето, преку кои го достигнал конечното призвание за секој човек – обожението во Христа. Како што Свети Партениј некогаш со својата кротост и молитвена сила ги преобразувал срцата на луѓето, така и нашиот Старец веќе три децении несебично се жртвува за духовното добро на своето стадо, секогаш прифаќајќи ги сите со отворено срце и со широка татковска прегратка.

На крајот од Светата Литургија, со зборови полни со љубов и благодарност се обрати и Високопреосвештениот Митрополит Брегалнички г. Иларион, кој го пренесе благословот и честитките од Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан. Во своето слово, владика Иларион ги истакна добродетелите на нашиот Старец, кој со својата пожртвувана љубов и монашка ревност стана светилник на духовниот живот не само за своето братство и верниот народ во Македонија, туку и за многумина од други краишта на светот.

Завршувајќи го ова празнично ликување, со срца исполнети со синовска благодарност и љубов, му упатуваме на нашиот најмил Старец срдечни благопожелби: да му дарува Господ крепко здравје, духовна радост и уште многу години исполнети со љубов, радост, светлина и благодат. Неговата светла служба нека продолжи да биде патоказ кон Христа за сите што со доверба пристапуваат кон неговото татковско срце. Како што Свети Партениј некогаш бил светилник на љубовта и милосрдието, така и нашиот Старец нека остане уште долги години жив пример на евангелската љубов што преобразува многубројни животи и води кон обожение. За многу години!