Со духовна радост и молитвено славословие, Бигорскиот манастир денеска се облече во светлината на Преображението Господово. Со оваа свештена и славна глетка на Тавор, Црквата Божја нѐ повикува секогаш да го преобразуваме сопственото битие, преку светлината на Христа, Кој „засветли посилно од сонцето“ заради спасението на светот.
Божествената Литургија утрово беше венец на севкупното торжество. Со молитвено и благодарствено стоење пред Бога, браќата монаси и собраниот верен народ се причестија од светите Христови Тајни и ја вкусија благодатната сладост на преобразувачката светлост.
На крајот, беше извршен и чинот на благословување на грозјето – првите плодови од земјата, како знак на нашата надеж за духовни плодови во Бога.
Блесокот на Преображението уште еднаш нѐ потсети дека нашето земско патешествие треба да биде насочено кон вечната светлина и дека смирено, со вера и љубов, треба да Го следиме нашиот Христос на патот на преображението и обожението.
„Светлината која е уште од пред Сонцето – Христос, телесно на земјата жителствува, и пред Крстот, сите нешта од страшниот домострој боголепно ги совршува; денес на гората Тавор таинствено на Троица образот го покажува; зашто избраниците, тројца од учениците, Петра, Јакова и Јована, со Себе ги води посебно, и малку сокривајќи го восприменото од плотта, се преобрази пред нив, покажувајќи го благолепието на првообразната красота; но и тоа не целосно: едно, за да ги извести, друго, за да ги поштеди, како не би, од видението, животот го загубиле, но колку што можеа да сместат, поднесувајќи со телесните очи. И на пророците врховниците, Мојсеја и Илија ги приведе, кои соодветно ја сведочеа Неговата Божественост и дека Он е вистинското сијание на Отчевата суштина; и затоа облак како сеница ги обви, и глас озгора на Отецот, од облакот звучно сведочејќи, говореше: Овој е Кого нетлено од утроба уште од пред деница Го родив, Синот возљубениот Мој, Кого Го испратив да ги спаси оние кои во Отецот и Синот и Духот Свети се крштаваат, и верно исповедаат дека неразделна е едина државата на Божеството – Него слушајте Го. Та, Самиот Ти, човекољубив Христе Боже, и нас озари нѐ со светлината на Својата непристапна слава, и достојни покажи нè наследници на бесконечното Царство Свое, како предобар.“
Славник на литиските стихири