Блеска денес празникот што се собравме да го прославиме, исто како што блеска и самото име на оној што денес го чествуваме, зашто него Црквата го нарекла „Светилник на Светлината“. Но овој светилник не сјае со вештествена светлина, бидејќи таквата е треперлива и се губи. Не, ова е блесок на Божествената благодат во срцата на оние што се собрале да го прослават неговиот спомен и кои го издигнуваат својот ум да ги созерцаваат страданијата на овој праведник. И така, со очи мисловно упатени кон неговото блажено мачеништво, ликуваат со духовна радост… Неговата пролеана крв ја украсува Црквата повеќе од кој било украс од раскошни и ретки цвеќиња. Беше пролеана за правда и вистина уште во време на стариот закон и стана прекрасен цвет кој стои на влезот на присуството Христово.
(Св. Теодор Студит)
Навистина големо торжество подготвува денес Црквата за богоблагословениот Јован, кој со своите безброј духовни подвизи, беспоштедната борба за Вистината и храброто мачеништво заради Него, покажа глетка достојна за небото. Затоа денес сета вселена го слави и со вдахновени химни го велича неговиот блажен крај, кој го воведува во пределите на вечната слава, оти за праведниците во Писмото се вели: иако во очите на луѓето изгледа како да се накажуваат, надежта нивна полна е со бесмртност (Мудр. 3,4). Достојно е да го славиме со молитвено торжество овој ден, ден што тој самиот ни го направи празник со своето мачеништво, со кое ја запечати објавата за идното мачеништво Христово. Бидејќи избран од Бога да биде Претеча, тој со своето раѓање го најави раѓањето на нашиот Спасител, со крштението предвестеше за крштението Христово, а со своето страдање ги покажа идните крстни страдања на нашиот Господ. Неговиот вечен и моќен повик за покајание, силно одекнува во душите на верните, подготвувавајќи Му на Господа пат за вселување во срцата на луѓето.
Овој Претечев повик за покајание постојано ги држи будни и подготвени за борба и монашките души, коишто подражавајќи го него, се подвизуваат да ја остават пустината на суетниот живот и да се вселат во многуплодната пустина на доброволно мачеништво Христа ради. Зашто Претечата Христов е претеча и на монашкиот подвиг. И зарем би требало да чуди големата љубов и незгаслива ревност на браќата и сестрите од нашите свети Обители, што повеличествено да се прослави споменот на славниот Бигорски патрон? Плени восхитот од глетката како со бескрајна посветеност тие го красат храмот за драгоцениот славеник, кој доаѓа да ги поткрепи со Божја благодат тие што за него молитвено си спомнуваат и неговиот спомен го слават, просејќи го неговото моќно застапништво пред Бога. И зарем треба да зачуди и тоа што огромно мнозинство верни дојдоа да се нахранат од непресушната Претечева ризница на духовна радост и умиление? Да му ги предадат своите покајни солзи, барајќи тој да ги принесе пред благиот наш Господ и да измоли од Него благодатни сили за апостолскиот подвиг на кој секој Христијанин е повикан. Денес кога светот забрзано стреми кон својот безизлез, кога соблазните и неморалот и светското зло го прави тежок христијанскиот крст, неговата молитвена поткрепа ги зајакнува слабите раце и го утврдува колебливото срце. И кога молитвите на присутните во украсениот Бигорски храм, се издигнаа високо на небесата, слеани со пофалните химни на псалтите и се соединија со моќните молитви на Крстителот, од небото ја слегоа неискажливата сладост на Христовата благодат и радост, која ги исполни сите со скапоцениот дар на љубовта, радоста и мирот, и ги озари нашите лица. А во тоа торжествено собрание, како по обичај, претстоеше и овој пат нашиот многупочитуван владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.
Следното утро тој ја возглави Божествената празнична Литургија, во сослужение со нашиот старец, Архимандрит Партениј, браќата јеромонаси и дел од духовенството на нашата богочувана епархија. Тивката и молитвена радост која ги исполнуваше срцата на оние што како потоци се слеваа во Претечевиот храм, беше повеќе од сведоштво за благодатното присуство на Свети Јован меѓу нас. A нашиот архипастир, Митрополитот Тимотеј не изостави и овој пат да ги надгради душите на присутните со свое пригодно слово за честа и величието на славниот Претеча. Во продолжение, пак, игуменот на Обителта, отец Партениј, од името на сето свое братство и сестринство, ја одликува со орденот „Претеча“ ревносната верничка од Битола, 82-годишната баба Драгица Андоновска, која повеќе од две десетлетија пожртвувано се труди да ги собира верниците од Битола и да ги носи на поклонение во Бигорски на сите поголеми празници.
„Поклоненијата на светите места“, истакна меѓу другото отец Партениј, „се нешто душекорисно за верниот народ. Поклоненијата, пак, во оваа Свештена Бигорска Обител, за нас претставуваат особена чест и радост, бидејќи, како што знаете, нашиот Манастир се наоѓа во околина со многу малку православно население и може да се каже дека тој е една од најодалачените дестинации за православните Христијани во Македонија. Затоа, секогаш кога ќе се најдеа луѓе да организираат поклонички посети во оваа голема наша светиња, тоа за нас беше навистина исклучителна радост. Една од тие организатори, којашто, впрочем, има најдолг стаж во тоа, е баба Драгица од Битола. Таа повеќе од 20 години неуморно се труди на секој поголем празник да ни донесе група верници од Битола. За истакнување е и тоа дека дури и во времето на воениот конфликт од 2001 година и потоа, кога беше особено тешко и критично во овие краишта и кога сите се плашеа да доаѓаат, таа со несмалена ревност доаѓаше во нашите манастири, носејќи со себе и други поклоници. И не само во летните, туку и во зимските празници, кога шоферите беа опоменувани дека не треба да патуваат на поголеми релации, особено во овој крај, баба Драгица со храброст ги собираше верниците од Битола и скоро на сите поголеми торжества беше тука… Затоа сега би сакал, од името на моето братство и сестринство, да ѝ ја искажам сета наша молитвена благодарност, овој пат изразена преку нашето најголемо одличие – орденот Претеча. Нека ѝ е на многаја лета и Бог да ѝ дарува многу духовни и телесни сили за да ја продолжи својата богоугодна мисија“.
Орденот „Претеча“ на баба Драга лично ѝ го врачи Митрополитот г. Тимотеј.
Духовното благолепие од манастирската слава продолжи да светли во текот на целиот ден, радувајќи илјадници посетители со благословот на преславниот Господов Крстител.
Претечевата ревност за Вистината и неговата пожртвувана послушност кон Христа сецарот нека бидат пример за сите Христијани, а неговите свети молитви да се со сите нас!