Рождество на Богородица – сепразнично торжество во Пречиста

Денес го славиме големото чудо на верата. Денес влегуваме, не во бучен град, ниту во раскошен дворец, туку во тишината на скромниот дом на праведните Јоаким и Ана. Ги примаме овие свети праведници во нашите срца, онака како што тие во нивните ја примија веста за раѓањето на Дева. Денес нашите молитви се слеани со воздишките на богоотците и исполнети со топли солзи наликуваат на сува земја што го чека првиот дожд. И дождот падна и срцата ги зарадува. Од неплодната утроба на Ана никна најубавиот цвет: Пресвета Богородица. Нејзиното раѓање не е само раѓање на дете, туку прва зора по долга и мрачна ноќ, која ја навестува Светлината на светот. Таа е чист и недопрен крин, никнат од коренот на човештвото, кој го прими Божественото семе. Да, во нејзините повои се криеше иднината на човештвото, премостувањето на бездната меѓу небото и земјата, и отворањето на вратата кон Царството Небесно.

Рождеството на Богородица е потсетник дека и во најдлабоката темнина, и по најдолгото чекање, секогаш постои надеж. Тоа е празник на силната вера и неизмерната Божја милост – токму така како што се празнува во нејзиниот славен Крнински манастир во близина на Кичево. Затоа, во велелепието на нејзиниот храм, каде како во огледало се одразува Божјата слава, привлечени од нејзината милост, што како светилник ги води нивните души, се собраа стотици поклоници. Млади и возрасни, сите заедно ја чествуваа Онаа која нè соедини со Бога.

Посебна радост беше да се биде сведок на братољубието помеѓу Дебарско-кичевскиот Митрополит, г. Георгиј и епископот Антаниски, г. Партениј, чиешто заедничко богослужење го збогати празничното торжество со длабока смисла и архиерејски благослов. На крајот од богослужбата, Митрополитот г. Георгиј произнесе празнично слово што ги осветли присутните со својата богословска длабочина и духовна топлина.