Ја славиме Онаа Која радост ѝ донесе на целата вселена. Преку Рожбата на Онаа Која денес ни се роди започна спасението на луѓето. Во светлосната зора на Раѓањето на Пресвета Богородица, го гледаме светлиот зрак на Божјото ветување, утринската ѕвезда што го најавува Сонцето на Правдата, нашиот Господ и Спасител Исус Христос. О чудо! Дева се раѓа, и во нејзината осветена утроба ќе се смести Несместливиот! Со нејзиното раѓање, неплодноста на родителите, праведните Јоаким и Ана, станува плодна, а со тоа се отсече и неполодноста на нашата природа, која дотогаш беше неротка за дела за вечен живот. Празник на неизречива радост! Нека нашите мисловни гласови се возвишат во хармоничен песнопоен сплет, зашто денес садот на Светлината доаѓа во светот. Се раѓа кивотот што ќе го носи Словото, Лебот на Животот. Во Неа, Небото и Земјата мистично се обручуваат; преку Неа, паднатата творба ќе биде возвишена, а темнината на смртта ќе се повлече пред Светлината на вечно Живиот.
Заедно со Св. Јован Дамаскин говориме: „Што да ѝ принесеме на Мајката на Словото, освен слово?“
О, Богородице Дево, ти си живиот Храм, Светиња на светињите, во која Самиот велик и врховен Архиереј ќе се всели. „Единствената Дева и секогаш Дева, единствената и со умот и со душата и со телото вечнодевствена“. Твоето раѓање најавува крај на нашето изгнание, прекинување на нашите солзи и почеток на нашето враќање кон нашата прва и вистинска Татковина – заедницата со Бога. „Првата Ева падна во престап и преку неа влезе смртта, и ѝ послужи на змијата да дојде до праотецот Адам, но затоа Марија, откако послужи на Божествениот Совет ја измами змијата измамник и во светот ја воведе нераспадливоста“. Врз Неа не дејствуваше благодатта Божја како кај другите праведници, пророци од Стариот Завет, делумно, туку во Неа се всели полнотата на Божеството, полнотата на благодатта, бидејќи Самиот Бог се воплоти преку Неа телесно и стана човек.
Затоа, денес целиот собор Пречистански, во манастирот на Богомајката Пречиста, предводен од нашиот почитуван пименарх, Високопреосветениот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кому му сослужуваше нашиот сакан Старец, Преосветениот Епископ Антаниски г. Партениј, заедно со Архимандритот г. Доситеј и благоговејните свештеници и ѓакони од нашата богочувана епархија, литургиски го празнуваше ова Богородично празненство, со радосни срца и светли лица. И недобројните верни заедно со сестрите монахињи и браќата монаси ги украсуваа своите души со молитви и благодарност, додека го чествуваа ова чудесно раѓање. Зашто Таа е Мајката на Животот, предвестителка на благодатта, првиот плод на нашето спасение. Преку нејзиното посредништво, да најдеме и ние милост во очите на нејзиниот Син, Христос нашиот Бог!
И како печат на денешното торжество беше празничната беседа на Високопреосветениот Дебарско-кичевски, кој уште еднаш ни ја изложи суштината на празникот, преку соодветното евангелско зачало:
„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Речиси на сите Богородични празници за време на светата Литургија го читаме евангелието од Лука, кое на прв поглед нема никаква врска со Божјата Мајка, Пресветата Богородица. Се чита евангелието во кое се кажува дека Господ Исус Христос бил во домот на Марта и како нејзината сестра Марија седнала до нозете на Исуса и го слушала Неговото слово, додека, пак, Марта се зафатила со други работи, трудејќи се да Го угости саканиот Учител. На крајот од ова читање се присоединува уште еден дел од друга глава, каде што се споменува Божјата Мајка, но не се спомнува ништо за нејзиното раѓање, ниту, пак, за нејзината слава. Таму Господ, според Неговото гледање, не обрнувал големо внимание кон восклиците на некоја жена која извикувала: Блажена е утробата што Те носела, и градите од кои си се хранел (Лк. 11, 27).
Но, овие текстови не се случајни. Во Марта и Марија се претставени двата пата, кои секогаш стојат пред секој христијанин во општеството. Или ќе се труди во светот во слава Божја или сецело ќе се посвети себеси на Бога. И на овој и на оној начин или пат можно е да се спасиме. Но, и за Марта и за Марија постои опасност, сметајќи го својот пат како единствено угоден на Бога. Тогаш е потребно да се согледа и оцени духовноста. Таа не е дадена на секого, и тогаш чашата на вагата на човечката слава обично се навалува на страната на надворешното. Затоа и Марта Му вели на Христа: Господи, зар не сакаш да знаеш дека сестра ми ме остави да служам сама? (Лк. 10, 40). Но, Господ ја укорил со зборовите: Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи. Но, само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе (Лк. 10, 41-42). Дотогаш Господ ништо не зборувал и не ја осудувал работата на Марта и, несомнено, доколку Марија ја укорувала Марта, сигурно Господ би ѝ рекол: „ти седиш, а таа се труди“.
Пресветата Дева Марија се удостоила да послужи на човековата природа на Исуса Христа и воопшто на целокупното човештво. Таа се удостоила да Го носи во својата утроба, да Го храни со своите гради, и да стои пред Неговото Божество. За нашето, пак, спасение подеднакво се неопходни и спасувањето преку Божеството на Господа Исуса Христа, но и преку Неговата човечка пожртвуваност. И Господ не го потценил воскликот на жената која ги возвеличила само утробата и градите. Он едноставно ги урамнотежил работите и ги ставил на другата страна од вагата велејќи: Да, но блажени се и оние кои го слушаат словото Божјо и го пазат (Лк. 11, 28).
Тоа што го кажала жената и тоа што го кажал Господ, сецело се однесува на Пресветата Дева, затоа што таа од самиот почеток ги сочувала сите зборови во своето срце (Лк. 2, 51). А она, пак, што било невидливо за другите, станало видливо за Елисавета, која исполнета од Светиот Дух искажала торжествена пофалба за Божјата избраничка. Како одговор на оваа пофалба, Пресветата Го возвеличила Бога: Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот Мој (Лк. 1. 46-47).
И еве денеска ние го празнуваме нејзиното раѓање во светот, раѓањето на единствената во целиот свет која можела да соедини во себе две големини, овие две природи, Божественото и Човечкото. Затоа и се молиме: Пресвета Богородице, секогаш биди со нас и моли Го својот Син и наш Бог за нас грешните. Амин“.