(Видео) Рождеството на Пресвета Богородица – Почеток на нашето спасение

Празникот на Рождеството на Пресвета Богородица е почеток на Новиот Завет, миг во историјата на човештвото кој најавува дека времето на избавувањето е блиску. Овој ден е исполнет со радост, не само заради раѓањето на едно дете, туку заради раѓањето на Онаа Која ќе Го носи во својата утроба Оној Кој ќе го спаси светот. Во Рождеството на Пречистата Дева се гледа не само исполнувањето на старозаветните пророштва, туку и почетокот на новото творение – на животот што Христос ќе го донесе на светот.

Следствено, како што мудро ќе забележи нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, „во личноста на Богородица се гледа совршената синергија на Божјата благодат и човековата слободна волја. Нејзиното раѓање е момент на безмерна милост за целиот човечки род, бидејќи преку Неа, како од чиста садница, во светот ќе израсне Самото Слово Божјо. Светата Троица подготвува од Неа светилиште во кое ќе се случи тајната на Воплотувањето, со што човештвото конечно ќе се врати на својот праизвор – заедништвото со Творецот.

Рождеството на Пресвета Богородица е знамение за она што ќе следи – за вистинската тишина на духот, за смирението што ќе ја отвори портата за невидливиот Бог да стане видлив. Марија, со своето раѓање, се јавува како новата Ева, која нема да падне, туку преку своето судбоносно ’Да‘ ќе ги отвори небесните двери за целото човештво. Ова раѓање не е само историски факт, туку извонреден теолошки настан, кој ги преобразува длабините на самото битие на човекот, укажувајќи на можноста за негово учество во животот на Светата Троица.

Овој празник нè потсетува дека преку Пресвета Богородица, човечката природа станува носителка на благодатта. Како Мајка на Воплотеното Слово, Неа ја почитуваме не само како Застапница, туку и како Икона на спасеното човечко, како Онаа Која го донесе на светот почетокот на новиот живот. Токму затоа, Рождеството на Богородица е и празник на надежта – бидејќи во нејзиното раѓање, го гледаме раѓањето на Црквата, на новиот Израил, на новата заедница што ќе се оствари во Христос. Присуството на Богоблагодатната во нашите животи е постојано сведоштво за можноста на секој човек да се обожи, да стане дел од тајната на Божјото совршенство. Со Рождеството на Пресвета Богородица, светот се подготвува за најголемото чудо – Бог ќе стане човек, за човекот да стане бог по благодат“.

Токму затоа, Свештената Пречистанска Обител, чијашто манастирска слава е токму празникот Рождество на Пресвета Богородица, со посебно торжество го прославува овој голем настан од Божјиот Домострој за спасение на човештвото. По вчерашната празнична вечерна богослужба, крунисана со монашењето на нашата сестра Текла, духовното славје продолжи и денес, со утреното богослужение и со Божествената Литургија. Евхаристиското Таинство ги собра околу Чесната Трпеза во Пречиста на заедничка молитва и благодарење: нашиот почитуван надлежен Митрополит, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј Дебарско-кичевски, кој воедно беше чиноначалник; нашиот почитуван гостин, Високопреосвештениот Митрополит на Олулу, г. Илија од Црквата на Финска; нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, нашиот драг гостин, Високопреподобниот Архимандрит Старец г. Антипа од Светата Гора Атонска, браќата од Бигорски и свештенослужители од нашата богочувана епархија.

Храмовите певници и денеска беа украсени од слаткопојните и моќни гласови на нашиот драг пријател, Високопреподобниот Архимандрит г. Херувим и на неговата чесна синодија, како и на монашкиот хор од Бигорски и на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево. Нивните гласови, исполнети со страв Божји и молитвена топлина, ја воведоа заедницата во молитвеното единство со Небесата, каде што заедно со Ангелите ја воспевавме „Славата на Вселената“, Марија Дева.

На оваа величествена и благодатна богослужба присуствуваа многубројни верници, чијшто број беше сведоштво за љубовта и почитта кон Мајката Господова. Народот со голема духовна радост и молитвена тишина учествуваше во приносот на бескрвната жртва Христова за спасение на светот. Беше тоа знак на длабокото единство во Христа, во кое секој човек, било монах, владика, свештенослужител или мирјанин, учествуваше во тајната на спасението преку заедничката молитва и љубов.

На крајот од Божествената Литургија, нашиот ценет Архипастир, Митрополитот г. Тимотеј, не изостави да го надополни литургиското славје и со едно надградувачко слово за празникот.