Јоакиме и Ано сега веселете се, приведувајќи ја во храмот Господов тригодишната од вас родена девица, идната чиста Мајка на Христа Бога, Царот на вселената.
(од празничниот Канон)
Чистота и светост, светлина и радост – провејува денес во храмот. Црквата и пее и со умиление ја слави тригодишната Девица, посвета од светињата на светињите, која со радост и торжество ги минува скалите на старозаветниот храм, како скапоцен принос за Бога излеан од срцата на праведните Јоаким и Ана. Се воведува пресвета Дева во свјатаја свјатих, таинствено носејќи ја во себе новата жива жртва – Христос Богочовекот. Старозаветниот храм го прима в себе семето на новиот живот – Богоотроковица, во која духовно ќе никне новиот спасителен Завет на човештвото со Бога. Го прима свештениот ковчег на Новиот Завет, одушевениот храм Спасителов, скапоцената свадбена одаја и Дева – свештената ризница на славата Божја. И влегувајќи таа го навестува времето на повторно благоволение Божјо врз луѓето, кога благодатта на помирувањето со Бога одново ќе ни ги отвори вратите кон небото и ќе нѐ врати во прегратките на нашиот Отец Небесен. Тоа воведение ни даде смелост да Му кажеме: Твои од Твоите, Тебе Ти принесуваме… Дарот Божји за луѓето – Пресвета Дева – плодот на молитва на праведни родители – и преку неа Христос, од луѓето Му се принесува на дар на Бога, како жртва благопријатна, благомирисна.
Со љубов и восхит, браќата и сестрите од нашите свети обители со бројните присутни верни стоеја во храмот, созерцавајќи ја во свештен трепет оваа чудесна тајна на Божјиот домострој за нас – тригодишна девица влегува во храмот за и нас да нѐ воведе во пределите на присуството Божјо, во вечноста на рајската радост. Колку неописливо чиста и света била таа прекрасна девствена душа, каква слобода имала во одаите на очевиот дом. Поклонувајќи се молитвено пред светоста на Богоотроковица, внесени низ прекрасните стихири во похвалното ликување на Црквата, присутните ги упатија своите скромни прозби до Мајката на Животот да не ја оттргнува својата мајчинска закрила од нив, туку милостиво да ги води низ деновите на постот, преку сите искушенија и неволји, до очекуваната радост на спасителното Христово Рождество. За сите со радост да ја запеат химната на надеж и слава: „Христос се раѓа, славете Го, Христос на небото, пречекајте Го!“