Сослужение и заедничарење во Дидимотихо во духот на единството во Христа

Со благослов на нашиот почитуван надлежен владика, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, нашиот Старец, Преосвештениот Епископ Антаниски г. Партениј, заедно со браќата архимандрити на Вселенскиот Престол Кирил и Анатолиј и монахот Филарет, неколку дена беше гостин на ценетиот архиереј ширум православниот свет, Високопреосвештениот Митрополит на Дидимотихо, Орестијада и Суфли г. Дамаскин.

По срдечниот пречек во петокот од страна на љубезниот домаќин, Старецот и браќата имаа благословена можност и да се поклонат на најголемите светињи во најисточната епархија на Црквата на Грција и да се запознаат со најзначајните храмови и место во трите града под духовно раководство на Светиот Дидимотиски.

Во саботата, пак, во навечерието на празникот Рождество на Пресвета Богородица (според реформираниот православен календар), во Светиот Манастир Дадија посветен токму на овој спасителен настан, на нашиот владика му беше укажана честа да претстои на празничната вечерна богослужба. Освен него и домашниот владика, на Вечерната молитвено сопретстоеше и почитуваниот Преосвештен Епископ Назијански г. Атинагора, архиереј на Вселенската Патријаршија, секретар на Епархискиот Синод на Американската Архиепископија.

На крајот од Вечерната, Митрополитот г. Дамаскин, им се заблагодари на двајцата гости архиереи, истакнувајќи за нашиот Старец дека, „за нас е голем благослов, драги браќа и сестри, што со благословот на Неговата Сесветост, нашиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, со кого имавме можност да се сретнеме пред неколку дена, да разговараме и да го примиме неговиот благослов во Константинопол, за време на работите на Јерархијата на Вселенскиот Престол, денес ја имаме радоста и можноста да угостиме двајца одбрани и многу драги браќа, Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски и Игумен на Светата Обител на Чесниот Претеча Бигорски од Светата Охридска Архиепископија во Северна Македонија, г. Партениј и Неговото Преосвештенство Епископот Назијански г. Атинагора од Америка, кој, пак, потекнува одовде. Преосвештениот Антаниски се истакнува по својата пастирска и социјална дејност што ја извршува во област која во многу нешта има многу заеднички елементи со нашата област. Затоа што тоа е област каде што мнозинството од населението се иноверни. Тој, во такви услови, успешно ја развива православната присутност во таа посебна средина. Тој создаде духовни жаришта, четири манастири – еден машки и три женски, под негово духовно раководство. И пред сè, тој, заедно со други архиереи, се залага за зајакнување на духовната врска на Светата Охридска Архиепископија со Вселенската Патријаршија“.

Митрополитот г. Дамаскин, исто така, подвлече дека „Пресвета Богородица е присутна за да нè обединува. Да ги обединува нашите православни народи. Да нè приближува едни кон други, и сите заедно да нè доближи до Христа, нашиот Спасител и Искупител… Треба да го осознаеме тоа, дека единството на православните Цркви е нешто повеќе од единството на народите“.

Во продолжение тој му даде збор на нашиот Старец, Епископот г. Партениј, кој со особена љубов возврати на неговото поздравно обраќање и се задржа повеќе на темата за насушната потреба од единство на православните браќа:

„Исповедајте Го Господа, оти е благ, оти за навек е милоста Негова. Кој ќе ги доискаже моќните дела на Господа, чујни ќе ги направи сите восфаленија Негови?!“

Високопреосвештен, возљубен и свет Митрополите на Дидимотихо, Орестиада и Суфли г. Дамаскине,

Преосвештен, возљубен и свет Епископе Назијански г. Атинагора,

Високопреподобен и свет игумене на оваа Свештена Обител на Роджеството на Пресвета Богородица – Дадиа, г. Теофиле,

Сечесни отци,

Возљубени браќа и сестри, смирени поклоници на Богомајката,

Извикувајќи и ние во душевен восторг заедно со Божествениот Псалмопевец, со најдлабока почит и со неизмерна благодарност, со смирение и љубов, ви се обраќаме, изразувајќи ја нашата признателност, но уште повеќе – нашиот восхит за честа што ни е укажана – да бидеме поканети заедно со вас да учествуваме во ова свештено собрание, по повод Рождеството на нашата Богородица.

Навистина, за нас претставува свештена чест да служиме заедно со Вас, Свет Владико на Дидимотихо, во оваа света и од Богородица закрилувана Обител, но и во оваа светла и богочувана Митрополија општо, каде што Вашето будно татковско пастирство и апостолската преданост кон Црквата принесуваат изобилни плодови на евангелска љубов и сплотеност во Христа. Радосни сме што имаме чест да се наоѓаме во Вашето присуство и во моментов толку јасно ги разбираме Петровите зборови, искажани на Преображение – „Добро е да бидеме овде“. Свесни за големото дело што Вие го извршувате како неуморен работник на нивата Господова, како непоклатен поборник за вистината, залагајќи се со ревносна упорност за правилната и здрава еклисиологија и за воспоставувањето на хармонија и братомислие меѓу православните Христијани и помесните Цркви, пред вас правиме поклон со почит и восхит.

Со особена благодарност се сеќаваме на Вашето залагање и на Вашите дела, грижливо и љубовно извршени за време на тешкиот период кога нашата Црква се наоѓаше во сестрана изолација. Кога многумина не сакаа ни да погледнат кон нас, дури и ни го демонстрираа мразот на игноранцијата, Вие покажавте дејствителна братска љубов и одлучност, подавајќи ни рака во време на потреба. Не е ни малку незначајно тоа што Вие бевте меѓу оние кои трудољубиво се залагаа за враќање на полнотата на единството во Црквата.

Вашата високо издигната црковна свест, сопатувана од неуморни заложби и трудови, во ова време на силни бранувања и предизвици, е од голема вредност за сите. Вие сте еден од најгласните гласноговорници и делатели за тоа дека вистинското единство во Црквата е нешто што се постигнува со жртва и послушност кон Светите Канони и кон Свештеното Предание, коишто, пак, говорат за неопходната почит и сплотеност околу Првиот Престол на Православието, Вселенската Патријаршија. Вашето делување со апостолска размисла и во согласност со Отците, потсетува дека Црквата Христова не се води од духот на световното владеење и моќ, туку од духот на саможртвената љубов. А љубовта се раѓа во јаслите на взаемното почитување и во одговорноста кон Преданието на Црквата, во доброто стоење во вистината.

Вечерва стоиме заедно во овој Сечесен Храм на оваа Света Богородична Обител, за со длабока благодарност и радост заедно да го прославиме големиот празник на Рождеството на Пресветата Владичица наша Богородица. Овој светол празник, оваа зора на новиот и таинствен Ден, нè потсетува на чудото на Божествената промисла и на силата на послушанието и на смирението. Оти, ова е празник на човековиот одговор на Божјиот призив. Како што Пресветата Дева, уште преку своите родители – Праведните Јоаким и Ана, со своето смирение и послушание, го прими Божјиот план за спасение на светот, така и ние сме повикани да одговориме на Божјиот повик, смирено и со доверба кон Божјиот Домострој.

Рождеството на Пресвета Богородица е настанот со кој почнува обновувањето на човечката природа и започнува патот кон обожението. Со раѓањето на Пречистата Дева, Бог подготвува сад достоен за воплотувањето на Неговиот Син, но и поставува почеток на новото создавање. Таа, како непорочна и безгрешна, ја носи во себе обновата на нашата сушност. Рождеството што го славиме денес е предвесник на она што Мудроста и Словото Божјо ќе го постигне преку Своите воплотување, страдание и воскресение – односно е потенцијал за целосното обожение на човештвото.

Служиме денес во близина на историското место каде што се одиграла познатата Маричка битка, еден од пресудните настани кој донесе коренити промени во судбината на балканските Христијани. Како што сведочат историските записи, иако далеку побројни од Османлиите, Христијаните биле луто поразени. Тоа се случило не од недостаток на сила, ами по допуштение поради раскараноста и внатрешната поделеност на православните браќа. Оваа историска лекција, иако далечна по време, останува релевантна и за денешнината, и треба да ни послужи како поттик и потсетник дека само низ единство и меѓусебна љубов можеме да опстоиме и да се прикажеме пред светот како ученици на Оној Кој нова заповед ни даде: Да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг (Јован 13,34). Впрочем, како што сведочи историјата, не само во времето на Маричката битка, туку и во многу други моменти, разделеноста меѓу Христијаните водела до пад и несреќа.

И денес, исто како во тие далечни времиња, Христијаните се соочуваат со искушенија и предизвици, особено со најголемиот проблем – поделеноста и непочитувањето на вековниот поредок во Црквата востановен од светите Отци и од Свештеното Предание. Затоа, во светлината на ова историско искуство, потребно е постојано да ја поткрепуваме и браниме верата што со големи жртви и подвизи ни е предадена, и да се стремиме кон духовно возобновување, не дозволувајќи да нè надвладеат искушенијата на раздорот и непослушноста, на световната надмоќ и на личните интереси. Оти, вистинскиот дух на нашето светоотечко наследство не е во надворешните политички структури, туку во верноста кон православните вера и начин на живот што ни го пренеле нашите Свети Отци.

Ние, како потомци на ова скапоцено духовно наследство, сме повикани да останеме верни на единството и љубовта што ја краси нашата света Црква, од памтивек, па се до најново време, до Светиите што ги затекнавме. И како што Пресвета Богородица го зеде на себе подвигот на мајчинството за целиот свет, така и ние, најнапред свештениот клир во Црквата, сме повикани да ја носиме одговорноста за зачувување на нејзиниот поредок, на нејзиниот духовен строеж, имајќи предвид дека Словото Божјо „ја стекна со Својата чесна крв“.

Со овие мисли и желби, сакаме уште еднаш да ви се заблагодариме за честа што ни е укажана да бидеме дел од оваа празнично славје. Нека Бог ве обдари, Свет Дидимотиски, со долг живот, со силно здравје и со благодатни сила, та да продолжите уште долги години со вашето неуморно архипастирско служење. Вие сте инспирација за сите нас, и со вашето сведоштво за љубовта и послушноста кон Црквата, со Вашата извонредна широкоградост и просветленост, нè потсетувате на вистинската природа на нашето служење во телото Христово.

Ја имаме честа да Ви ги пренесеме и срдечните братски поздрави и благопожелби од нашиот почитуван Високопреосветен Митрополит, Светиот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, со чиј благослов се наоѓаме тука.

Упатуваме најсрдечни благопожелби и молитви и за сите вас присутни овде, молејќи се Пресвета Богородица да ве чува и благословува, и секогаш да ве патеводи на вашите личносни восходи кон Христа. Нека нејзината благодат и заштита бидат со вас и со верниот народ на оваа епархија, и нека го укрепи нашето заедничко сведоштво за Христовата љубов и единство.

Ви благодарам.

Литургиското заедничарење во духот на православното единство продолжи и следниот ден, во неделата, кога во Светата Обител Дадија пристигна и Високопреосвештениот Митрополит на Имврос и Тенедос г. Кирил, како пратеник на Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј. Чиноначалствувајќи со Божествената Евхаристија, Светиот Имвроски во сослужение со Светиот Дидимотиски и со Светиот Антаниски, со браќата архимандрити Кирил и Анатолиј и со свештенослужителите од Манастирот, Му ја принесе на Господа бескрвната жртва за спасение на светот.

Накрај, му упатуваме најдлабока благодарност на Високопреосвештениот Митрополит г. Дамаскин за неговата срдечна покана, за исклучителното гостољубие и за топлото братско добредојде. Неговата смирена и ревносна служба, придружена со постојано внимание и почит кон сите нас, претставува вистински пример на архипастирска љубов и посветеност. Бевме неизмерно благословени да бидеме дел од ова свештено заедничарење и се молиме на Господа да го награди со здравје и сила, за да продолжи со своето благословено архипастирско дело, за слава на Црквата Божја и за спасение на што повеќе души.