„Господарот на сите, обрезание трпи, и човечките прегрешенија, како добар, ги обрезува(отсекува); му дава спасение, денес, на светот, се радува во висините и Создателовиот јерарх и светлоносен божествениот тајник Христов Василиј“.
(Кондак на празникот)
Откако се исполни времето според Божјата спасителна промисла, Бог дојде на земјата и стана човек, за да го спаси човекот. Самиот вистински Бог, стана и вистински и целосен човек, останувајќи истовремено и Бог. Синот Божји и Словото е Тој што се вочовечи од Светиот Дух и Пречистата Дева Марија, а денес, на осмиот ден, се образува како човек запазувајќи ги прописите на Мојсеевиот Закон.
Он самиот пречист, безгрешен и свет го исполнува Законот, за да го укине Законот. За нас Христијаните стариот Закон е веќе неважечки бидејќи тој е исполнет и надминат во личноста на Господ Исус Христос, а ние, пак, преку Него и во Него и за Него живееме. Христовиот закон е посовршен и спасителен, и исполнувањето негово од луѓето прави богови по благодат, синови Божји и наследници на вечното Царство небесно. Еден од тие наследници на Царството небесно, со царско име: Василиј наречен Велики, архиепископ на Кесарија Кападокиска, го славиме денес. Тој како архиереј мнозина поучи, обрати, упати и воспита. Толку големо дело изврши, што од Црквата е наречен и небооткривач. Со своето богоогнено учење многу ереси сотре и спепели, а вистинските догми ги издигна и објасни. Тој постана вистински син Божји и бог по благодат, зашто Христовиот закон го возљуби и исполни, и други да го исполнуваат научи.
Денеска, Бигорската Свештена Обител на чело со игуменот и старец, Епископ г. Партениј спомнувајќи си и празнувајќи го Обрезанието и Св. Василиј ги отвори своите прегратки за сите. Беше топло огниште во деновиве на студ и снег, за душите кои со љубов посакаа, и покрај сите тешкотии, овде, заедно со монашките заедници околку својот Старец, Епископ г. Партениј да го прослават денешниот празник. Со сеноќно празнично бдение, а утрото и Света Архиерејска Василева Литургија Му благодареше на Бога за безбројните добродетелства што се направени и добрини што се излеани врз нас и просеше спасение за сите луѓе. Особени и драги гости беа многубројните дечиња од хорот „Митр. Козма Пречистански“ од Кичево кои ја разубавија атмосферата во свечената сала при делењето на Василопитата со пеење на каланди и ги радуваа срцата на многубројните гости. Нашиот Старец и Игумен, Епископ г. Партениј посака новата година да биде благословена, да бидеме со љубов, зашто љубовта никогаш не греши.
Затоа, сите ние сме повикани да го исполнуваме Христовиот закон, законот на љубовта. Самиот Господ Христос вели: „Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг“ (Јован 13,34). На друго место, пак: „Возљуби Го Господ, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси!“(Матеј 22,37-39), или „Ова е Мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив“(Јован 15,12). Исполнувајќи ги заповедите Божји за љубовта ние се очистуваме и стануваме дом Божји.
Новата година да ни биде мирна и спасителна, да се украсиме со добродетели, со милостиња, љубов и сострадание кон ближните, со посветеност и помагање на црквите, со чистота и побожност кон празниците, со добрина и светост да се очистиме и Бога во оваа година да Го најдеме и видиме, како што Самиот вети: „Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога!“(Матеј 5,8), и со Него до крај да останеме. Потрагата по Него и барањето на Неговото Лице да бидат постојаната грижа оваа година. Тоа ќе го постигнеме преку извршувањето на спасоносните заповеди. Светиот Авва Исаак Сирин вели: „Он е во заповедите скриен“.