Споменот на Свети Николај Мирликиски Чудотворец во Бигорски

Со особена духовна радост и благодарност, Бигорската свештена обител вчера го прослави споменот на еден од најљубените светители на Црквата Божја – светиот отец наш Николај, архиепископ Мирликиски и чудотворец, кој уште од древноста е почитуван како заштитник на вдовиците и сирачињата, на сиромасите и патниците, на страдалниците и болните.

Свети Николај, олицетворение на милосрдието и непоколеблив исповедник на православната вера, отсекогаш бил длабоко вкоренет во благочестивата свест на христијанскиот род. Неговото присуство, пак, во духовниот живот на Бигорската обител има посебна тежина и значење. Имено, уште од самиот почеток на современото обновување на манастирот, неговиот лик и пример биле светилник за монашкото братство и особено за нашиот духовен татко и старец, Епископот Антаниски г. Партениј.

Во своите беседи и духовни поуки, Старецот често го истакнува овој славен Божји угодник како пример за добродетелен христијански живот, за вистинско архипастирство, за сострадалност, за милосрдна љубов, за грижа за секој човек, особено за сиромавите и напатените. Затоа неслучајно еден од параклисите во нашиот манастир Старецот му го посвети токму на мирликискиот чудотворец. Овој параклис, скромен по димензии, но возвишен по убавина и благодат, претставува место на честа молитва и прибежиште за монасите и за верните.

Таму вчера, по повод празникот на пренесувањето на чесните и чудотворни мошти на свети Николај од Мира во Бари, се отслужи Божествена Литургија, која собра околу себе монаси, поклоници и љубители на светителот. Со благоговејно внимание и со радосна побожност, Старецот и присутните ја проследија светата Евхаристија, принесувајќи ги во молитвено стоење своите благодарности, радости, таги и надежи.

„Да се поучиме и ние, мили мои, од овој блескав пример на верата во Христа, та подобно на него, да се трудиме да ги победуваме нашите страсти, гревовите и егоизмот, со силата на верата, на молитвата и на милосрдието. Овие добродетели го претвориле свети Николај од обичен човек во богоносец – обожен човек кој ја вселил во себе целата Света Троица, согласно зборовите на Синот Божји: Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби и ќе дојдеме кај него и живеалиште во него ќе направиме (Јован 14,23). Еве ја, возљубени, смислата на нашето суштествување – да станеме носители, живеалишта на Троичниот Бог и така да го наследиме вечниот живот. За вечноста сме создадени, за Царството небесно, а не за овој привремен и трулежен живот. Да не го забораваме тоа, туку имајќи го примерот на денешниот славеник и неговото моќно молитвено застапништво, да покажаме вистинско покајание, автентично учество во светотаинскиот живот на Црквата и безрезервно себепредавање на Христа. Тогаш и ние ќе засветлиме како Христови светила, како синови на Божјата благодат.“

(Извадок од слово за свети Николај на Епископот Антаниски г. Партениј)