Благодатта покажа преку тебе необични чуда, зашто твоето светло житие, Николае, посјајно, навистина, и од секое злато, им блеска и сјае на душите со Божественото сјаење на Духот.
Навистина им блеска и сјае на душите и умовите на верните Христијани благодатта на денес прославуваниот Светител Николај, Епископот на Мира Ликијска, великиот Христов чудотворец. Неговиот спомен е благослов голем, кој секоја година ни се покажува како мирохранилница на Светиот Дух и како серадосно ветре и свежина во духовната суша на нашиот живот. Сите светии, на својот спомен ни го носат благомирисот на благочестието и светоста. Сепак, нашиот отец меѓу Светиите, Николај Чудотворецот, има една посебна благодат, бидејќи тој нѐ прави причесници не само на преподобниот живот и аскетските борби, туку и на маченичкото исповедание, на борбите за верата, на огнената молитва, на ненадминатото милосрдие, на неземската кротост и на воздржанието што ја надминува човечката логика. Го примаме, значи, денес благомирисот на благочестието и светоста на Свети Николај, којшто богато се излева преку благодатта на Светиот Дух.
Бигорската Обител е посебно благословена од овој голем Христов Светител, со тоа што тој благоволил едно делче од неговите чудотворни мошти да се чува во неа. Но, и љубовта на монашкото братство кон него е огромна, бидејќи своевремено, тој го примил во својата Обител на Света Гора нашиот Старец, Архимандрит Партениј. Од благодарност за тоа, Старецот му посвети прекрасен параклис на овој прекрасен Божји угодник во конакот Источен Палат, каде денес се отслужи Света Литургија, паралелно со Евхаристијата во бигорскиот соборен храм.
Старецот, пак, со дел од братството, овој светлозрачен светителски празник го помина во Охрид, на богослужба со нашиот почитуван владика, Митрополитот Тимотеј, кој го има споменот на Свети Николај и како домашна слава.
Светителу, оче наш Николае, сите нас, што со љубов го празнуваме твојот свет спомен, благослови нѐ и со твоето молитвено застапништво пред Христа, во добро чувај нѐ!