Во светлиот и сечесен хор на Светиите Божји кои ја красат небесната Црква, тројцата велики учители и светители – Светите Василиј Велики, Григориј Богослов и Јован Златоуст – блескаат како три незалезни и најсјајни сонца, осветлувајќи ги вековите со својата догматска мудрост, пастирска љубов и златоуста проповед. Нивниот спомен, востановен како заеднички празник уште во XI век, не е само сведоштво за нивниот беспрекорен побожен живот, туку и израз на единството на православното богословие, хармонијата меѓу разумот, духот и срцето, меѓу словото и делото, меѓу акривијата и икономијата.
Во Свештената Бигорска Обител, која се труди со љубов да го сведочи духот на древното Предание, празникот на Тројцата Велики Јерарси беше прославен со посебна духовна радост. Божествената Евхаристија, како врв на целото повеќечасовно празнување, ја тајноводеше нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој, во духот на самите Светители, со горешто срце и со длабока вера ги принесе бескрвните Дарови на Светата Трпеза за спасение на сите.
Впрочем, тој секогаш со посебно благоговение говори за овие три непоколебливи столбови на Вселенската Црква, за нивното неизмерно значење во оформувањето и дефинирањето на нашето спасително учење, но и за нивната неизмерна љубов и снисходливост кон човечкиот род: Свети Василиј Велики, кој како небесен архитект ги постави темелите на монашкиот живот и со своето перо ги утврди догматите на верата; Свети Григориј Богослов, кој со ум пронижан од Божествената мудрост и светлина ја објасни и возвеличи Тајната на Света Троица; Свети Јован Златоуст, чиешто слово како бистар извор ги напојува душите на верните и чие срце гореше од љубов кон бедните и кон страдалните.
За нашиот Старец, кој самиот проникнал во нивниот дух, овие три Велики Светители не се само свети историски личности на Црквата Христова, туку и бесценето богатство за светот, живи примери на пастирска грижа, на самопожртвувана љубов и на богословска длабочина. Тој често ги спомнува во своите поуки, упатувајќи ги монасите и верните да ги следат нивните совршени добродетели.
Нека нивните молитви ги укрепуваат сите кои со широчина и пожртвуваност ја љубат вистината Христова, а нивниот пример нека ни биде постојан поттик кон подлабоко богословие, несебична љубов и здрава духовност. Оти, таму каде што обитава нивното учење, таму е присутен и Христос, таму е жива и вековечната Црква Божја.