Споменот свети Георгиј Победоносец прославен и во Велебрдо

Со голема духовна радост и благодарност кон Бога, известуваме дека вчера, на споменот на славниот великомаченик Георгиј Победоносец по повод возобновувањето на неговиот древен храм во Лида Палестинска, за првпат по многу години, во неговиот храм во с. Велебрдо повторно беше воздигната бескрвната Жртва Христова.

Со благослов на нашиот старец, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, светата Литургија ја отслужи нашиот собрат, јеромонахот Ефросиниј. Прекрасно беше да се види овој преродбенски храм оживеан со молитвата и присуството на бројни жители по потекло од Велебрдо и поширокиот предел на Река – чеда кои со носталгија и љубов се собираат околу својот духовен корен.

Овој молитвен настан, толку значаен за селото и за неговата историја, беше овозможен по неколку дена интензивна работа од страна нашето братство, вложена во расчистување на храмот кој, за жал, се наоѓа во многу лоша состојба. Глетката на распукани ѕидови, опустени икони и црковни садови и одронетата внатрешност сведочи за долгогодишно запуштање. Постојната состојба е навистина сериозна: доколку во најскоро време не се преземат стручни мерки за конзервација и заштита, постои реална опасност овој некогаш прекрасен преродбенски храм – дом на многу крштевки, венчавки, спомени и молитви – трајно да пропадне.

Но вчера, и покрај раните на времето, храмот повторно блесна во духовна светлина. Молитвата ги исполни неговите осветени ѕидови, и како некогаш, се разлеа тивка надеж дека со Божја помош, со љубовта на народот и со соодветна грижа од надлежните институции, ова свето место ќе стане повторно дом на заедничката молитва и благодат.

Свети Георгије, победоносен војводо Христов, моли се за твоето село Велебрдо, за неговиот народ и за обновувањето на твојот свештен дом!