(Видео) Свет и Велики Петок

Денес созданието Го распна на Крст својот Создател. Што поужаснувачко видело Сонцето, кое светлината си ја сокри? Што покрваво доживеала Земјата, која се затресе и распукна? Со што може да се спореди ова недело, достојно за вечна казна и мачење. А Он, пречистиот, премилостивиот, безгрешниот: „Прости им, Отче, оти не знаат што прават“. О, ужасно нешто! Незамислива злоба и неопислива љубовна широчина! Како Господ го сотвори човекот во Рајот, а што човекот Му направи на Господа на Голгота!? Колкава неблагодарност и бесрамност човечка!

Денес Еврејските старешини и првосвештеници го фатија Исуса и Го однесоа на судење. Брзаа што поскоро да Го осудат и да Го распнат. Сведоците – сите лажливци. Затоа кај Пилат, кој и покрај тоа што не најде вина за да Го осуди, тие без причина бараа и викаа: Да биде распнат! Нивната цел беше да биде лишен од живот Творецот, Началникот и Давателот на животот! Бедните, сами себе се лишија од тој живот. Но, нашиот Спасител и Господ Исус Христос доброволно оди да пострада. Он со љубов го прегрнува Крстот, на кого всушност се товарени сите гревовите на целото човештво. Нашите гревови се тие што Го одведоа Христа на страдање и Го искачија на Крстот. Он заради нас пострада и со крвта Своја ги мие гревовите наши, царски потпишувајќи го на тој начин со неа како со црвено мастило документот со кој ни се дарува слобода од гревот и смртта.

Денес смртта се умртви, примајќи Го Животот; денес злото се уништи, оти налета на Бога, Кој е бездна на милоста и љубовта.

Затоа, на денешниот ден треба да жалиме најмногу за нашите извршени гревови и поради тоа да направиме промена на животот на подобро. Да не бидеме содејци на лукавиот, кој му го направи сето тоа на Бога, туку да бидеме вистински луѓе по примерот на вистинскиот Човек – Распнатиот на Крстот денес на Голгота. Да го распнеме и ние гревот во себеси.

Бигорската Свештена Обител со свештен трепет и молк, молитвено и благодатно ги проживува сите настани кои денес својата кулминација ја достигнаа на страшната Голгота со Распетието на Господа Исуса Христа. Нашиот возљубен старец Епископ г. Партениј, носејќи го крстот на Христа како некогаш Киринеецот Симон и целата поворка од монаси и верни со тажни срца, мисловно се искачија на Голгота и се поклонија пред Распнатиот заради нас и со трогнувачки псалмопенија ги опеваа пречистите Страданија Христови.

На овој свет и страшен ден, кога Црквата со скрушени срца се поклонува пред Распнатиот Господ, а Небото и Земјата треперат пред љубовта која се раздава до смрт, во Бигорската Свештена Обител три човечки души, озарени од силата на Крстот, примија благослов за подвиг во монашки образ. Нашите браќа искушеници Стефан, Владимир и Јован, во покајничка атмосфера, ја потврдија својата одлучност да Му принесат сè на Христа — срце, волја и живот — и да го следат по патот на жртвата и Воскресението. Со благослов на нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, тие беа облечени пред Крстот Господов во свето монашко расо, со што се приброија кон соборот на Христовите воини, станувајќи расофори – сведоци на новиот живот, што започнува токму од Голгота. Да им биде благословен подвигот и крстот што го прегрнаа, а Распнатиот Господ нека ги утеши со силата на Своето славно Воскресение.

Удостој нѐ, Господи, да се поколниме и на славното Твое Воскресение.