Свети Николај Мирликиски – Правило на верата и образ на кротоста

Што би можел денешниот човек да каже за великиот Св. Николај и со какви зборови би исплел пофалба достојна за него. Најдостојната пофалба е како ќе се труди својот живот да го сообрзи со неговиот. Затоа пополезно од зборовите е со молчание да се труди да го подржува неговиот живот и пример, за на тој начин делата да говорат, а не устите. Но, од љубов која прелева од срцето му плетеме пофалби и молби, просејќи го неговото посредништво.

Сиот свет го слави овој голем Светител, после толку изминати години, но тоа е така затоа што неговите дела светлат силно и не можат да бидат засенети од ниедна епоха. Словото има голема сила кога тоа е поткрепено со дело, словото оживува кога е спроведено во пракса. Светиот отец наш Николај Мирликиски е еден од најсилните исполнители на дело на Божјите заповеди, кои се собрани во двете најважни заповеди: „Возљуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со сета своја сила и со сиот свој разум; и својот ближен како себеси!“(Лука 10:27) Животот и делото на Св. Николај останаа незасенети од ништо, и остануваат незаборавни до вечноста. Неговата силна и чудотворна вера, како и неговиот благ, кроток, љубовен и сострадателен дух го прават Св. Николај еден од омилените Светии за сите народи и возрасти.

Со љубов и радост во нашата Свештена Бигорска Обител се изврши споменот на Св. Николај, преку празнично богослужение на кое претстоеше нашиот Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј кој особено го почитува овој Светител.

За него во една прилика со восхит и љубов ќе изјави: „Светиот и богоносен отец наш Николај Мирликиски Чудотворец, кого го велича сета вселена, Исток и Запад, Север и Југ. Бездруго целиот свет го почитува и слави овој најславен Христов Светител. А причината за тоа е што тој станал едно живо Евангелие. Целосно обожена, охристовена личност, човек којшто станал сад на Божјата благодат, па затоа и од него излегувала и до денес излегува сила со која ги лекува и им помага на сите што со вера и смирение му се обраќаат. Свети Николај никого не оставил празен во надежите кон него. Облетува насекаде како ангел Господов и ги слуша молитвите на оние коишто имаат потреба. Бог му дал таква изобилна благодат, да биде голем утешител и помошник на верните. Зашто, за време на својот живот тој целиот Му се предал на Христа…“