Си се преобразил на гората, Христе Боже, покажувајќи им ја на Твоите ученици Својата слава, колку што поднесуваа; да засветли во нас, грешните, Твојата вечна Светлина, по молитвите на Богородица, Подателу на Светлина, слава Ти
Одново возвишеноста на собитието Преображение Христово ги испраќа своите светлозарни краци и ги просветлува срцата на сите верни. Одново Христос нѐ повикува на богатата и слатка празнична трпеза и ни ја подава Својата несоздадена светлина – благодатната сила – за да се искачиме кон мислениот Тавор и таму, на тие духовни висини, со Него да се сретнеме и сјајно да заблескаме. Денес Црквата нѐ повикува да го отфрлиме сето она што нѐ влече кон земното и да се издигнеме кон небесната атмосфера на духовна радост, да го стекнеме она искуство кое го имале тројцата апостоли Петар, Јаков и Јован, кои просветлени со зраците на чудесното Христово блескање, во состојба на созерцание извикале: Добро ни е да бидеме овде, Господи. (Мт. 17,4) Црквата денес ни открива голема и длабока тајна – она што претходно беше непознато сега станува познато и сѐ што беше сокриено сега ни се открива. Христовото Божество ја прими и обожи човечката природа, а човечката природа денес се повикува на обожение. Христос ја покажува Својата божествена слава, за да го прослави човечкото создание; Гледаме во Неговата чудесна убавина, со која се обновува и нашата убавина. Христос нашето духовно Сонце, ја простира Својата светлина и заблескува во нашите души, озарувајќи нѐ со неискажлива радост.
Токму со таква духовна светлина беа исполнети душите на сите присутни, кои во огромен број пристигнаа во нашите Свештени Обители, Бигорската и Рајчичката, за заедно со својот Старец, Архимандритот Партениј и неговото во Христа братство и сестринство, да го прослават овој чудесен по својата смисла празник. Во атмосфера на огромна радост тие со сите свои духовно-телесни сили се трудеа да проникнат во тајната на Преображението Христово и да ги загреат своите срца со љубов, примајќи така дел од Христовата светлина, која особено видливо се отсликуваше на нивните озарени лица.
Христе Боже, Кој на Тавор си се преобразил во слава и си ни ја покажал првобитната наша убавина, дарувај ни ја Твојата духовна светлина за и во нашите животи постојано да свети преобразувачката Троична светлина. Амин.