Последниот летен камп по Веронаука

Деновиве заврши и последниот, деветти летен камп по Веронаука во нашите два манастири, Бигорски и Рајчица, каде овој пат престојуваа четириесетина деца од Струга и Велес. Исто како и нивните млади пријатели од претходните групи, овие дечиња, кои всушност, за првпат беа гости во нашите Обители, со голема радост се запознаа со основите на нашата православна вера, а потоа и со најважните етички принципи разјаснети преку повеќе поучни приказни, на кои тие имаа можност преку интеракција да ги изразат своите интересни, но и по многу нешта длабоки гледишта. Меѓу другото, тие со особено внимание ги слушаа и поучните лекции за историјата на Охридската Архиепископија, а изработија и креации на оваа толку инспиративна тема која посебно ги радуваше.

Ова 2018 – то лето ни мина во огромно духовно задоволство, зашто да се биде во друштво на децата, за нас монасите претставува посебна привилегија, оти времето поминато со нив во атмосфера на чудесна радост е нешто што остава длабока трага во животот на секој човек. Искрено се надеваме дека духовните и морални вредности за кои тука слушаа најповеќе од нашиот Старец, Архимандритот Партениј, ќе се зацарат во нивните души; дека божествените пораки ќе ги допрат нивните срца, та во сите сложени ситуации во кои ќе се најдат низ периодот на растењето ќе им помогнат да го најдат вистинскиот пат. Бог нека ги заштитува овие наши прекрасни млади луѓе, да им помогне да израснат во личности кои ќе бидат лојални на општеството, верни на Татковината, радост на родителите, пофалба на наставниците, утеха на постарите, а најважно од сѐ добри и вистински членови на нашата света православна Црква.

Би сакале да им се заблагодариме и на сите оние коишто дадоа придонес и на било каков начин ги поткрепија летните кампови по Веронаука во нашите манастири, за да можат децата во значително подобри услови да го поминуваат нивниот омилен дел од летниот распуст. Бог нека го благослови нивниот срдечен труд и дар и нека им ги умножи сите добра.

Климент Нестороски, 12 години, Струга – Имам дванаесет години, живеам во Струга. Му заблагодарувам на отец Партениј затоа што ни дозволи да престојуваме тука. Мило ми што можеме да им помагаме на монасите. Му се заблагодарувам на отец Ефросиниј, отец Анатолиј, отец Козма затоа што не учеше да пееме и тогаш ја научивме молитвата „Богородице Дево“. Му помагаме и на Марин, тој е од Битола и тој доаѓа тука да помага. Ние со него заедно местевме ќебиња. Гледавме филмови и пеевме со баба Офелија во библиотеката, таа свири на клавир и не учеше да пееме.

Ѓоре Трајков, 12 години, Велес – Во манастирот Св. Јован Бигорски си поминав прекрасно. На почетокот не знаев како изгледа но кога стасав со автобусот многу се изненадив. Потоа влегов во црква, таму биле сите луѓе собрани и конечно видов кои се тие монаси. После црква влеговме во соба таму се сместив и ги запознав сите. Го запознав и Бојан. Во манастирот видов многу отци. Отец Ефросиниј, Драган ни беше одговорен за нашите активности, Отец Козма кој не научи да пееме „Богородице Дево“ Најубаво нешто ми беше кога помагавме за трпезарија. Во библиотека со Офелија не учеше да свириме клавир. Навечер си легнувавме рано станувавме рано. Многу си поминав убаво но само четири дена седевме но пак си поминав убаво.

Александар Кимов, 10 години, Велес – Монаси ви благодарам што не примивте во вашиот дом. Беше многу убаво да дознам како другите луѓе живеат и многу ми е драго што научив нешто повеќе за Бога. Животот во манастирот е прост но и многу убав. Се молиме во црква се дружиме, немавме проблеми и тоа е интересно. Драго ми е што дојдов и се надевам дека некогаш пак ќе дојдам. Најубаво ми беше кога гледавме филм и спиењето беше убаво. Денес си одам дома но ќе дојдам пак секоја година, бидејќи е интересно. Монасите имаат три папагали, Тавор, Жарко и Тото. Тавор е ара, Жарко е африкански сив папагал и Тото е кокаду.

Богдан Читлаковски, Скопје – Пред се најголемото благодарение за отец Партениј што не прими во овој прекрасен манастир. Литургиите беа прекрасни. Исто како и монасите. Оваа е најпрекрасното место на светот. Монасите ме учеа да пееме, помагаме во кујна и многу други работи. Исто така гледавме филмови за Библијата. Секој би требало да посети ова убаво место.