Да го прегрнеме постот кој исправа, благоугоден на Господа; пост вистински, праведен, чист: отуѓување од злото, воздржание на јазикот, отфрлање на гневот, разделување од похотите… И воедно да извикаме: Христе Боже, воскресни нè од падот, како Човекољубец!
Постои миг во црковната година кога сè се менува. Не нагло, не со бука, туку со тивката сила на проштавањето – со онаа сила којашто е посилна од секоја друга, зашто не урива, туку обновува; не осудува, туку исцелува. Тој миг е Умилителната вечерна на проштавањето – последната вечерна богослужба пред почетокот на Великиот пост, кога Црквата, како мајка, ги собира сите свои чеда и им вели: Простете. Простете си едни на други, за да може Бог да ви прости вам. Ослободете се од товарот на осудата, омразата, замерките, за да можете слободни да тргнете по тесниот и спасоносен пат на Четириесетницата.
Оваа вечер, во Бигорското светилиште тој миг се случи одново, како што се случува и секоја година, а сепак, секогаш како за прв пат.
Со оваа единствена по духовна убавина Вечерна богослужба претстоеше нашиот сакан Старец, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, чијшто глас, навикнат да се моли повеќе одошто да зборува, ги патеводеше душите кон она место каде што човекот застанува пред Бога со празни раце, без оправдувања, без маски, без ништо друго, освен со својата жед за обновување. На крајот од Вечерната, Старецот го означи почетокот на великопосното богослужение со древната и умилна молитва на свети Ефрем Сирин – таа молитва која, како никоја друга, го разоткрива она најсуштинското во човечкото срце: „Господи и Владико на животот мој, дух на леност, безволност, властољубие и празнословие не давај ми. Дух, пак, на целомудрие, смиреномудрие, трпение и љубов дарувај ми, на Твојот слуга.“ Со земните поклони и со молитвите за благослов на почетокот на постот, нешто се промени во воздухот на храмот и уште повеќе – во срцата на верните. Како да падна превезот меѓу празничното и подвижничкото, и сите почувствуваа дека стапнуваат на друга почва – света почва, построга, но и понежна, зашто Великиот пост не е казна, туку лекување; не е оптоварување, туку ослободување.
Потоа следуваше трпезата на љубовта за сите присутни, како продолжение на богослужението, со една мисла – дека сите сме едно семејство, дека заедно ќе постиме, заедно ќе патуваме во четириесетдневното патешествие и заедно ќе се поклониме на спасителните Христови страданија.
А потоа – чинот на проштавањето. Оној миг кога зборовите стануваат непотребни, кога сè се сведува на еден поглед, на една прегратка, на едно „Прости ми“ и „Бог нека прости“. Најнапред Старецот, со онаа негова длабока кротост, побара прошка од сите; тој, кој толку многу дарува и толку малку бара, тој, на кого му должиме повеќе одошто можеме да вратиме, застана пред нас со наведена глава и рече: „Простете ми, отци, браќа и чеда, за сѐ што сум погрешил со збор, дело или помисла, свесно или несвесно, во сите дни од мојот живот.“ И во тој момент, неговото смирение стана наша поука, зашто ако Старецот бара прошка, кои сме ние да ја задржиме гордоста?
И потоа, сите со ред: монаси, свештенослужители, верници, стари и млади, пристапуваа кон Старецот и едни кон други, барајќи прошка и посакувајќи си лесен и богоугоден пост. Огромно множество верни чијшто ред се спушташе надолу низ манастирскиот двор сè до портата, една жива река на покајанието и на љубовта. И во секое „Прости ми“, во секоја прегратка, во секоја солза која тивко се спушташе по нечие лице, се случуваше она чудо кое светот не го разбира, но Црквата го познава одвека: чудото на обновувањето, чудото на новиот почеток, чудото на Божјата милост која ни дозволува секоја година одново да тргнеме од почеток.
И еве, Великиот Пост е пред нас; не како бреме, туку како дар. Четириесет дена во кои Црквата нè повикува да се вратиме кон она суштинско во нас, кон она Божјо во нас, кон она кое го заборавивме во вревата на секојдневието. Нека овој пост биде за сите нас време на тивка радост, а не на мрачна тага; време на внатрешно ослободување, а не на надворешно мрштење; време во кое ќе откриеме дека оној кој пости со љубов не губи ништо, а добива сè.
Нека молитвата на свети Ефрем Сирин стане наш секојдневен придружник. Нека земните поклони го смекнат нашето срце. Нека простувањето кое вечерва го изрековме не остане само збор, туку стане начин на живеење, во секој ден од овие свети четириесет дена, и понатаму.
И нека нашиот Господ Исус Христос, Кој за нас постеше четириесет дена во пустината, ни подари сила и постојаност, трпение и кротост, и на крајот – радоста на Своето сесветло Воскресение.
Простете ни и добра Четириесетница на сите!































