„Дојдете, примите светлина од невечерната Светлина, и благословете Го Христа, Кој воскресна од мртвите!“
Во болскотот на оваа ноќ посветла од сите дни, кога сета твар замолчува пред славата на непобедливата Светлина, Свештената Бигорската Обител повторно беше озарена од нетварната убавина на Воскресението Христово. Во мигот кога насекаде се слушна победоносниот повик: „Христос Воскресе!“, целиот манастирски комплекс се претвори во сјајна Пасхална светлина, во неземна светлост која ги просветлува срцата и ги преобразува душите.
Како и секоја година, и овој пат од Светата Земја ни пристигна Светиот благодатен оган, сведоштво на непрекинатото чудо на Воскресението, пламенот на надежта кој никогаш не згаснува. Верните го примија со трепет, со солзи, со љубов што гори посилно од секој оган. Огромно множество народ се собра во древното Светилиште, така што и храмот и дворот беа исполнети до последно катче со молитвени срца, што копнееја да ја вкусат вечната Пасха.
Празничното торжество го предводеше нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, со силна пасхална радост, со љубов што се прелеваше и која срца прегрнуваше, со благодатна тишина меѓу зборовите и со громогласно сведоштво на победата што вечноста ја воспева. Околу него, целото монашко братство и сестринство и морето од верници – како една душа, како едно срце, како едно тело Христово – сè во свечена Воскресенска симфонија.
„Христос воскресна од мртвите, со смрт смртта ја победи и на тие во гробовите живот им подари“ – одекна тропарот на победата и одѕвонуваше меѓу небесата и земјата. Ова не е обичен ден. Ова не е само спомен. Ова е реалност што ги потресува темелите на смртта и на времето. Христос воскресна и веќе ништо не е исто. Пеколот е лишен од својот плен. Стравот се растура. Смртта е победена. Слободата на децата Божји засветли во мракот.
Во мистичната ноќ на невечерниот Ден, низ планинската свежина, ангелски се разлеа химната на животот. Срцата, распнати на крстот на секојдневните борби, се спуштија во гробот на смирението и таму ја најдоа Пасхата красна – Христос, Кој воскреснува, Кој ослободува, Кој сè обновува. Како што вели Самиот: „Ете, сè ново создавам“.
Нека воскресенската радост на овој незалезен ден на Пасхата Господова вечно трепери во душите наши, нека биде почеток на живот нов, на живот победоносен, на живот вкоренет во Љубовта, Која ниту времето, ниту смртта не можеа да ја победат.
ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ!