„Воспејте Му на Господа песна нова, воспејте Му на Господа, Земјо цела! Воспејте Му на Господа; благословете го името Негово, благовестете го од ден на ден спасението Негово!“
Пасхалната радост како благодатна река го продолжува своето тивко, но силно течение, преобразувајќи и облагородувајќи сè што ќе допре, секоја душа, сето создание. Во Вториот ден на Светата Пасха, Бигорската Обител уште еднаш се облече во сјајот на Воскресението, отсликувајќи ја вечната убост на невечерниот Ден.
Утрото започна со свечената Пасхална утрена богослужба, во која повторно одекнуваше победоносниот восклик: „Христос Воскресе од мртвите, со смртта смртта ја победи и на оние во гробовите живот им подари!“ – химна што се пее со сета душа. По Утрената следеше Божествената Литургија, со која чиноначалствуваше нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, во сослужение со браќата свештенослужители и во присуство на многуброен народ Божји.
По завршетокот на Светата Литургија, се изврши свечена Пасхална литија, која со пеење на канонот и стихирите на Воскресението, се упати од главниот храм кон манастирската испосница, Агиазмата, и потоа до овоштарникот. Целата манастирска околина се освети со пасхална молитва, во знак на благодарност за сè што Господ ни дарува преку Своето славно Воскресение.
Торжеството заврши со Пасхалниот водосвет во манастирската фијала, каде што сите присутни беа поросени со света вода, симбол на очистување и на нов живот во Христа. Секој човек, дојден со празнично расположение, прими од раката на Старецот благослов и црвено пасхално јајце.
Манастирот продолжува да зрачи со тивка, духовна светлина, зашто „Пасха свештена денес ни се покажа; Пасха нова света, Пасха таинствена, Пасха сечесна, Пасха Христос Избавител, Пасха непорочна, Пасха велика, Пасха на верните. Пасха која дверите рајски ни ги отвора. Пасха која ги осветува сите верни“.
Христос Воскресе!