Во овие осветени денови на Светата и Велика Четириесетница, кога христољубивите срца побожно се воздигнуваат кон Бога во покајание и молитва, вечерва во манастирот на Св. Георгиј Победоносец во Рајчица, во параклисот посветен на Св. Григориј Палама чијашто слава настапува, беше отслужено Повечерието со молебниот канон и со втората статијата од Акатистот на Пресветата Владичица наша Богородица и секогаш Дева Марија.
Повеќе од кога било, во ова време на интензивен подвиг и копнежно очекување на Пасхата Господова, христијанските души со воздишки и љубов прибегнуваат кон „Палатата на Царот единствен“, кон „Престолот огнезрачен на Седржителот“, кон „Христовата книга одухотворена“ – кон Онаа, Која со Своето безмерно смирение и несфатлива чистота Го донесе на Земјата Спасителот на светот. Богородица – неисцрпна радост на натажените, тивка утеха на неутешените, закрилница и прибежиште на сите кои со надеж и љубов ја повикуваат; неуморна застапница пред престолот на Седржителот, светол облак што милостиво ги засенува верните, нераспадлив храм на Божествената благодат; нејзиниот благ поглед ги суши солзите на нажалените, нејзиниот мајчински покров ги штити оние кои во опасности повикуваат кон Неа
Со умиление, топлина и длабока синовска посветеност, нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, ги возгласуваше вдхановените акатистни химни, величајќи ја со тие свештени слова Онаа Која од поколение во поколение сите народи со вознес ја блажуваат. Старчевиот растреперен глас, заедно со слаткогласните препеви на сестрите од Рајчичкиот и Пречистанскиот манастир, соединети во една хармонична молитвена симфонија, ги возвишуваа присутните во горните небесни дворови.
Посебен благослов за сите нас беше присуството на светата икона на Пресветата, некогаш семејна реликвија на семејството на Старецот, којашто сестрите од манастирот Пречиста ја донесоа за ова благословено молитвено собрание. Оваа икона стана вистински духовен заслон – како мајчинско катче за молитва, каде што Бог се слави непрестајно и каде што срцата силно воздивнуваат за Неговата љубов и за благословот на Преблагословената.
Најдлабоката порака од вечерашниов молитвен миг беше едноставна, но силна и вечна: Царицата Мајка никогаш не ги остава оние кои со чиста љубов и надеж прибегнуваат кон Неа. Како нежна Мајка, таа бдее над нас, застапувајќи се пред Својот Син и Бог, за да го запази и благослови секој кој со вера ѝ повикува:
Радувај се, на Агнецот и Пастирот, Мајко.
Радувај се, трло на словесните овци.
Радувај се, на вратите рајски отклучување.
Радувај се, зашто небесните се радуваат со земјата.
Радувај се, зашто земните се веселат со небесата.
Радувај се, на апостолите незамолчива усто.
Радувај се, на мачениците непобедлива смелост.
Радувај се, цврсто на верата утврдување.
Радувај се, светло на благодатта познавање.
Радувај се, преку тебе се соголи Aдот. Радувај се, преку тебе се облековме во слава.
Радувај се, невесто неневестна.