Задушница – молитвен повик кон Бога за покојните

Колку е голема љубовта на Бога кон човекот! Колку е големо достоинството што Бог на човекот на дар му го даде! Ние луѓето кои сме земја и пепел, сме почестени со власта и врз небесните работи да дејствуваме. Таа власт и тоа достоинство со наш речник се нарекува молитва. Молитвата е таа што од човекот прави бог, се разбира, со силата на Божјата благодат. Молитвата е таа што може од смрт да спаси, молитвата окови крши.

Со молитва денес Црквата за упокоените Бога Го моли, а тие слушајќи ги молитвите олеснение и очистување добиваат. Да беше молитвата материјална, за царица би ја крунисале, зашто со нејзината сила Небесата е обвиткана, Земјата се осветува. Нејзината власт вечни судбини решава и пресуди Божествени изменува.

Изминатата вечер се извршуваше богослужба наречена Панихида, што значи целоноќно бдеење и се прави за помош и олеснение на душите кои се упокоиле со надеж во Воскресение и живот вечен. Затоа овој ден народно се нарекува Задушница (за душа). Должноста на Христијанинот за упокоените е неодложна, а молитвата и добрите дела во името на покојните е израз на несебична љубов и вистинска вера.

Нашата Свештена Обител на Чесниот Претеча непроменливо и строго го пази споменот на блаженоупокоените ктитори, градители, добротвори, монаси и подвижници, знајни и незнајни, и го извршува благодатното богослужение во чест и спомен на сите претходно заминати со топла молитва кон бесмртниот Цар и Бог. Така и ова ноќоденство, Бигорски на чело со својот Старец, Епископот г. Партениј, усрдно се молеше за благодат и милост од Бога на од заспаните во Него Христијани.

Вдахновен од чудесните стихири и молитви за упокоените, Старецот на крајот од Панихидата упати топло умилително слово, просветлувајќи ги нашите умови и срца за смислата на овој краткотраен живот.

Господ Бог да ги успокои и утеши со Својата љубов и милост, а нас да не помилува и спаси како добар и човекољубец.