Бигорски доби приватна библиотека

СВЕТИ ЈОВАН БИГОРСКИ – Семејството Константинови од Битола му подари на манастирот „Бигорски“ дел од својата приватна библиотека со 55.000 книги и монографии собирани седумдесетина години. Богатиот книжен фонд беше донесен со два камиона. На десетина монаси и на донаторите им требаше цел ден за да ја растоварат, распакуваат и наредат оваа вредна литература. Ја има од речиси сите области, историја, теологија, етнологија, филозофија, историја на уметноста, психологија, антропологија, медицина, лингвистика. Дел од библиотеката што се пресели во древното светилиште се и разновидни речници и енциклопедии. Книгите се напишани на македонски јазик, потоа на руски, англиски, бугарски, германски, грчки, еврејски, латински, словенечки, српски, хрватски, турски, француски, црковнословенски.

Игуменот на Бигорскиот манастир, архимандритот Партениј, е восхитен од библиотеката што ја подарија Бранимир и Минка Константинови, како и нивните ќерки Љубица и Христина од Битола, наследена од таткото на Бранимир, покојниот д-р Душан Хр.Константинов. Брои околу 25.000 наслови и 30.000 примероци монографски публикации и е регистрирана како најголема приватна библиотека во Битола.

Првата генерација што почнала да ја оформува библиотеката биле брачните другари Христо (правник) и неговата сопруга Христина (наставник) Константинови. Втората генерација што го продолжила развојот на библиотеката се синовите Душан, Милош и Ѓорѓи Константинови, од кои д-р Душан бил најревносен колекционер и истражувач на книгите.

Бранимир Константинов ја истакна својата радост што дава исклучителен придонес за возобновувањето на евангелско-просветната дејност на ова големо духовно и преродбенско светилиште на нашиот народ. Со ова великодушно дело имињата на Константинови се запишаа во книгата на ктиторите за вечно молитвено сеќавање.

За една година книгите ќе бидат евидентирани во библиотечната картотека и во електронска верзија, а потоа ќе бидат ставени на располагање на лицата што сакаат да ги користат.

Д-р Душан Хр. Константинов (1922-2002) бил етнолог, публицист, книжевник, полиглот – зборувал над десетина јазици. Тој е еден од основачите на Друштвото за наука и уметност – Битола, а објавил голем број трудови од научен, публицистички и друг карактер. Потекнува од Крагуевац. Основното образование го стекнал во родното место, средното во Битола, а Филозофски факултет завршил во Скопје. Двапати докторирал – првата тема му била од областа на етнологијата и втората за револуционерното дело на Дамјан Груев. Круна на неговото творештво е преводот на Библијата на современ македонски јазик во 1997 година.

Киро Кипроски