Древното македонско светилиште, манастирот „Свети Јован Крстител”, попознат како Бигорски манастир, како и низ вековите подготвен е за одбележување Хрстовото воскресение, Велигден.
Присуството на голем број верници од сите делови на државава, но и на верници од православниот свет од повеќе европски држави, само потврува дека Бигорски останува духовен центар за поширокиот балкански регион.
Верници тука има во голем број уште од почетокот на ова страдна недела, посебно од велика среда, а масовно присуство се очекува денеска, кога традиционално присуствуваат повеќе од две илјади верници.
– Со смртта Христос ја победи смртта, и со тоа на сите оние кои веруваат во Христа им дарува живот вечен. Овој ден испраќа порака на мирот, на љубовта на простувањето, бидејќи Христос и од крстот испрати прошка за сите оние што правеа злодело на овој ден, затоа денес секој христијанин треба со скрушеност да си спомнува за сите овие настани, да се моли на Бога и да се уподобува на својот спасител, кој е љубов, прошка, мир и радост, велат од Бигорскиот манастир.
Во овој манастир првпат пред 11 години беше донесен Благодатниот оган.
Ползувајќи се со своите лични пријателства со претставници од Грчката црква, Бигорски го носеше Светиот Оган од Солун и тој пристигнуваше приближно околу полноќ, кога всушност и започнува пасхалната богослужба.
– Би сакале да потсетиме дека Благодатниот Оган е едно постојано Божјо чудо што секоја година се случува на Велика Сабота, во Господовиот Гроб во Ерусалим. Светиот Оган е натприродно собитие, а тоа се гледа од начинот на кој се појавува, од тоа што пламенот во почетокот не изгорува, како и од фактот што тој предизвикува душевна промена кај многумина што се удостоиле да го видат. Благодатниот оган е несомнено дело на нестварната Божја благодат, но не и самата нестварна светлина од Тавор и од Христовото Воскресение. Како што преку таинствата на православната Црква се осветуваат водата и елејот, така, во овој случај, се осветува и природата на огнот. Затоа, кон него не треба да имаме несоодветен или магиски пристап, туку онаков на каков што нѐ учи светата Црква, велат од Бигорскот манастир.
Посочуваат дека со разгорувањето на кандилата и свеќите со Благодатниот Оган во православните храмови и со трикратно кружење околу храмот, започнува пасхалната богослужба.
По пауза од речиси едно столетие, годинешната велигденската литија на Бигорскиот манастир ќе ја предводи реставрираниот литиен крст на манастирот, изработен од сребро, делумно позлатен во 1814 година, во Елбасан, Албанија. Овој вреден црковен предмет има своја историја како повторно доаѓа до израз да биде ставен во црковна служба.
– Прекрасно реставриран, зачувавме вреден црковен предмет стар над два века, вели архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир на чие лице се чита радоста и среќата што ја чувствува.
Манастирот е основан во далечната 1020 година од монахот Јован Дебарски кој тогаш станал Охридски архиепископ. Посветен е на Крстителот Господов, Свети Јован, за кого самиот Господ Исус Христос рекол дека меѓу родените од жена нема поголем од него. Преживеал многу премрежија и голготи,како што беше и последната трагедија од 30 септември 2009 година, кога пламените јазици го пеплосаа Горни Палат. Но,секогаш се извишувал како феникс за да може да „говори“ за постоењето на православието на овие простори.
Внезгден во пазувите на Бистра, со екот на камбаните, испреплетен со жуборот на Радика, на полноќ вечерва ќе биде соопштена радосната вест за Христово Воскресение-Велигден, Празникот над празниците, како што тоа било со векови.