За Христовото Воскресение во Бигорски околу пет илјади верници

Во познатото древно македонско светилиште Бигорскиот манастир на синоќешната воскресна литургија присуствуваа околу пет илјади верници од сите делови на државава и од странство. 

Дебар, 28 април 2019 (МИА) – Големото присуство на верници само потврдува дека Бигорски останува духовен центар за поширокиот балкански регион.

Чувство на восхит синоќа посебно беше во мигот кога игуменот на манастирот Архмандрит Партениј ја соопшти радосната вест за Христовото Воскресение по што следуваше Вистина воскресе искажано од пет илјадите грла на верниците, а сето тоа испреплетено со звукот на камбаните кои одекнуваа надалеку низ Реканскиот крај и Мијачијата.

– Ви благодарам многу што сте во толкав број денес, за радост на Христа – нашето „вечно веселие”, за радост и на духовите на нашите отци, браќа и сестри кои живееле и се упокоиле крстовоскресно, најпосле и за радост на ангелските чинови на небесата, кои сега нѐ повикуваат, „со чисти срца” да го славиме сесветлото Христово Воскресение, рече меѓу другото Архимандрит Партениј.

Преполно во Бигорски беше и денеска, а така се очекува да биде и во текот на утрешниот ден.

– Нашите срца беа претворени во храм во кој блесна благодатниот незгаслив факел на Вечната Христова Пасха. Посакувам мир да владее во светот, сечија душа да е исполнета со добрина и спокој, Бог да не штити сите. За многу години овој и сите други празници, вели Христо Тасевски верник од Битола, кој тука е веќе три дена.

Многу повеќе верници за овој Велигден имаше и во црквата „Успение на Пресвета Богородица” во Дебар, каде како во Бигорски, беа и поранешни жители и нивните потомци од дебарско реканскиот крај, а кои сега живеат во други градови во државава.

Поради продолжените празнични денови заживеаја речиси сите села од поширокиот регион, Битуше, Гари, Мелничани, Тресонче, Осој, Гари, Лазарополе, Галичник, Горенци…каде беа отворени портите на божјите храмови.