Воскресение Христово – Света Пасха

Засветли денот на торжеството, денот на радоста! Ден на Воскресение, Пасха Господова, ден во кој „од смртта кон живот, и од земјата кон небото, Христос Бог нè преведе!“ Се огласи громогласно радосната вест за победата над смртта, одекна пораката за надеж и живот. Се објави неисцрпната љубов на Бога, Кој ги повикува смртните кон живот во полнота, ги приведува победоносно во светот на Воскресението.

И токму во тој свет, во остварувањето на новата твар, Бигорската обител ја помина оваа светла ноќ на Христовиот триумф, заедно со недобројните присутни верници, кои допатуваа отсекаде за да го созерцаваат, заедно со монашкото братство, блесокот на Осмиот, невечерен ден на Воскресението. А среде мноштвото поклоници на Воскреснатиот, на наша голема радост беа и министерот за внатрешни работи, г. Оливер Спасовски и градоначалничката на општина Битола, г-ѓа Наташа Петровска, кои од почеток до крај присуствуваа на сеноќното пасхално торжество.

Пораката на Воскресението Христово и овој пат неизбришливо ја втисна во нашите срца, Старецот на Обителта, Архимандрит Партениј, кој вдахновен од пасхалното величие, словеше за големата тајна на Воскресението:

Мили мои браќа и сестри,

Во оваа најсветла ноќ, во Евангелието од пасхалната утрена богослужба, најнапред ги сретнавме светите жени Мироносици, коишто во првиот ден од седмицата, дојдоа на гробот (Исусов) многу рано, кога изгреваше сонцето (Марко 16,2). Овие жени, водени од љубовта, тргнале кон гробот Исусов да исполнат една традиција, еден народен обичај што постоел кај Евреите – имено, со мириси и ароми да го помазат телото на нивниот покоен Учител. Иако знаеле дека на вратата од гробот бил положен голем камен, кој по наредба на Понтиј Пилат бил запечатен и чуван од војници-стражари, овие жени, сепак, не се исплашиле, туку ја поставиле пред себе љубовта кон својот Добротвор и тргнале да го извршат она што го правеле сите со своите покојници во древниот Израил.

Да си претставиме само какви мисли ги обземале овие жени додека чекореле кон гробот! Сигурно си помислувале дека Оној Кого Го љубеа, Кого го слушаа и Го последуваа, нивниот Учител, сега лежи мртов во темниот гроб, Неговата историја е веќе завршена, а тие ќе треба да се вратат на својот претходен живот. Но, ете необично чудо! Пристигнувајќи до гробот, тие забележале дека големиот надгробен камен бил одвален. Изненадени, влегле во гробот, а таму видоа еден млад човек, облечен во бели алишта, како седи од десната страна и се уплашија многу; и тој им рекол: Не плашете се! Вие Го барате Исус од Назарет, Распнатиот. Тој воскресна, не е овде! Еве го местото каде што беше положен. Понатаму во Евангелието се вели дека овие жени ги опфати страв и ужас, и никому ништо не рекоа, зашто се плашеа  (Марко 16,5-8). Размислете добро во себеси и ќе видите дека сите ние сме слични по природа со овие жени – се плашиме од новите нешта што ни ги дава верата, се затвораме во себеси, не сакаме да ја прифатиме дури ни новоста што Бог ни ја предлага. Се исплашиле, значи, овие жени, а се исплашиле, исто така, и апостолите.

Но, доколку внимаваме добро на евангелското приповедание, ќе забележиме дека зборовите на Ангелот што им ги кажал на Мироносиците во продолжение: Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петар дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол – имаат длабока смисла и значение. Всушност, Ангелот Господен како да сакал да ги потсети учениците Христови на сето она што Он го беше направил за нив, на сите слова и чудеса што ги беше извршил пред нивните очи: како слепи прогледувале, лепрозни се очистувале, фатени проодувале, мртви воскреснувале… И ги повикал со благодарност и вера да се сетат за сето тоа и да поверуваат дека Он е Оној Кој има власт над животот, но и над смртта. Дека Он за тоа и дојде светот – да го преобрази човечкиот живот, да ме извади мене, тебе, сите нас, од сопствената затвореност, од нашата бојазливост. Не сме ли сите ние уплашени од нешто во нашето секојдневие? Нели кај секого нас постојат проблеми коишто постојано нѐ измачуваат? Честопати помислуваме дека тие проблеми се нерешливи и се предаваме на затвореноста во мисловниот гробот, т.е. на некаква лажна сигурност од овој свет, било да е тоа нешто материјално – имоти, богатство, пари, или некоја минлива чувствена пристрасност – семејство, пријатели, работа. Сето тоа, меѓутоа, не дава суштинско решение на есенцијалните прашања коишто секојдневно нѐ притискаат. Единствено Бог има решение за нив, Он е Тој Кој може да ни помогне. Па така, мили мои, иако често се чувствуваме оддалечени од Него, да направиме, сепак, еден благословен ризик – да Му се предадеме Нему. Он од нас бара само да Му го отвориме своето срце и, верувајте, нема да нѐ изневери. Прв ќе ни пристапи, ќе влезе во нас и ќе нѐ преобрази во нова твар. Тоа е и целта на Неговото доаѓање и на Неговото Воскресение: да го покаже началото на новото создание, на новиот свет што Он му го принесува на човештвото. И така, појаснува апостолот Павле, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина, и ете, сѐ стана ново (2. Кор. 5,17).  Самиот Бог, второто Лице на Божествената Тријада, дојде на земјата за да го спаси човекот од смртта. Дојде за да му покаже дека Он е неговиот вистински пријател, неговиот брат. Затоа, ајде да излеземе од нашата затвореност, од лажните надежи на секојдневието, и да Го прифатиме Христа како наш најдобар пријател, бидејќи се покажа дека Он навистина тоа и е. Тогаш нашиот живот ќе се промени, ќе се преобрази, ќе се обнови во новата твар на Воскресението. Да излеземе од нашата зачауреност, од затвореноста во безнадежните гробови на овој свет и да го прифатиме со вера необичниот настан што им се случил на жените Мироносици, настан којшто коренито го променил не само нивниот живот, туку го смени и текот на целата човечка историја. Воскресението на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос е непобитна стварност, собитие што го преобрази светот. Радоста што бликна од него предизвика пресврт во човечката историја. Сето она што денес се нарекува напредна, хумана цивилизација, се должи исклучително на оние што поверувале и ја прифатиле таа радост, ги отвориле срцата за Христа и водени од љубовта кон Него, се жртвувале за добробит на другите. Следствено, да се биде Христијанин значи да се жртвуваш за ближниот свој, а човек може да се жртвува за ближниот само доколку ја последува Христовата љубов. А Он ја докажа Својата љубов со тоа што заради човекот се искачи на крстот и слезе во Адот, во време кога човештвото се наоѓаше во најдолниот пад, укотвено во мрачните води на гревот. Дури и во последниот миг, во врвот на Своите страданија, Он не ги презрел оние што Го распнувале и хулеле. Ете, таков пример ни остави нам Христијаните нашиот Божествен Учител. Повикани сме кон совршенство, мили мои, да ги љубиме ближните како себеси, како што Христос ја возљубил Црквата Своја.

Од сето свое срце ви посакувам оваа ноќ, ова светлозарно воскресенско утро, кое е предвкус на вечното Царство на незаодната светлина, да ја почувствувате таа неискажлива Христова радост што го промени светот, го преобрази паднатиот човек и го претвори во нова твар, чедо на Воскресението. Нека таа радост нѐ прати во текот на сиот овоземен живот, а не само во текот на ова велигденско деноноќие. Вечерва еден од браќата монаси ми пристапи пред бдението и ми рече: „Отче, жал ми е за луѓето што не ја почувствувале воскресенската радост“. Гледате, оној што ја почувствувал таа радост, копнее и сите други да ја почувствуваат, затоа што од опит знае дека пасхалната благодат спасува и преобразува и преку неа сите други радости во нашиот живот добиваат смисла. Затоа, радувајте се во Христа Воскреснатиот и бидете чеда и благовесници на воскресенската радост.

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!