Вечерна на љубовта

Воскресението Твое, Христе Спасителе, ја осветли сета вселена, и го повика Твоето создание, сесилен Господи, слава Ти

 Светлината на Христовото Воскресение, како пламен столб блесна од гробот и ја озари сета вселена, објавувајќи ја новата твар. Се радува денес сето создание, славејќи Го Ослободителот од вековните окови. А Црквата, пак, Христова на сите јазици Го слави и објавува Воскреснатиот, Кој сега ни се откри преку евангелието што традиционално се чита на оваа богослужба, за да може сиот свет да разбере, дека Христос навистина воскресна и на светот му ја подари вечната радост.

На оваа прекрасна Вечерна на љубовта која зрачи од Пасхално ликување, Бигорската Обител која повторно ги собра кај себе браќата и сестрите и многубројните гости во празничниот амбиент на Претечевиот храм, за да ја слушнат од устите на монасите оваа радосна објава за Воскреснатиот Бог на петнаесетина јазици. Зашто Воскресението Христово е аголен камен на верата и надежта на сите Христијани. Тоа е извор на љубов и сила, живо присуство на Миротворецот во срцето и умот, очекување со надеж во спасението. Оваа радосна вест треба сега да одекне низ целата Вселена и да се објави на сите човечки јазици, за да стане реалност во животот на секој човек.

Христос Воскресна!