Во вчерашниот прекрасен ден, озаруван од зраците и славата на Вознесението Господово, нашиот Манастир беше средиште на еден несекојдневен културно-уметнички настан – детската ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“, информираат од Бигорски манастир.
Оваа уметничка манифестација беше организирана од претседателката на оваа меѓународна детска ликовна колонија, Елена Хаџи-Антоновска и претседателот на УО на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ – Битола, Славчо Неделковски.
„Стотина млади уметници од 22 земји во светот, со своите штафелаи, четки и палети и пред сè, со својот уметнички талант и младешки творечки дух, вчера го красеа манастирското двориште, пренесувајќи ги на сликарско платно архитектонските и природните убавини на Манастирот, секој преку својата лична естетска перцепција.
Најнапред младите уметници беа гостољубиво пречекани и примени од нашиот старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, кој на официјалниот прием ги поздрави ценетите гости,“ информираат од Бигорски.
Епископот г.Партениј пред присутните изјави дека како битолчанец, добро знае што е Малиот Битолски Монмартр.
„Секогаш сум се радувал што во тој убав наш град, кој е гордост на Македонија, доаѓале деца од целиот свет, за да ја сликаат впечатливата архитектура на Битола. Пред неколку години имав прилика да го посетам градот Париз и да прошетам по тие улички и плоштатки околу големиот храм на Спасителот Христос, на Брдото на Мачениците, што всушност и означува топонимот Монмартр, од француското Mont des Martyrs.
Ме воодушеви таа таинствена поврзаност на уметноста со врховниот Уметник, односно со Бог Создателот. Навистина Бог е љубов и убавина, а целта на уметноста е токму убавината. Ние Христијаните во Светото Писмо читаме дека кога Бог го творел светот, при секој ден од создавањето, потврдувал дека створеното е добро, убаво. И виде Бог дека е добро.
Од Светите Отци на Црквата, во основното изложување на верата христијанска, во Символот на верата, Бог е наречен Ποιητής: Поет, Творец, Уметник. И несомнено, Бог е најголемиот Уметник, Кој го остави Својот потпис во природата. Ние во Црквата велиме дека откровението за Бога условно се дели на природно и натприродно. Натприродно е кога Бог се јавувал на натприроден начин, за да комуницира со луѓето. Тука спаѓа, на пример, и доаѓањето на Самиот Син Божји на Земјата.
Природното откровение, пак, е кога Бог ни говори преку созданието, преки самата природа, којашто ја гледаме како едно совршено уметничко дело. И како што на секоја уметничка слика има потпис од авторот, така и Бог се потпишал во Својата природа.
На тој начин, преку Неговите творби, тие совршени уметнички дела, од кои најчудесни сме самите ние луѓето, ние секојдневно учиме и комуницираме со Уметникот над уметниците,“ изјави Епископ Партениј.
Младите уметнички души, секој на свој начин ја пренесоа убавината на Бигорското Светилиште на платно.
На крајот од денот на учесниците им беа доделени пофалници, а како најдобри цртежи беа избрани два од делегацијата на Кина и по еден од делегациите на Израел и Турција.