Со благослов на митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, беа поставени крстовите на храмот на светите Кирил и Методиј во нивниот скит во долнореканското село Битуше.
– На самиот крај од светлото празненство на Светиот Дух, предобриот Бог не удостои со уште една небесна радост. Месинганите позлатени крстови за трите куполи најпрвин беа осветени од нашиот почитуван владика, митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј, а потоа со голем труд беа победоносно издигнати и поставени на врвовите од храмот. Радоста од овој чин ги исполни срцата на сите присутни верници и уште еднаш ја посведочи вистината дека „преку крстот дојде радост за целиот свет”, изјавија од Бигорскиот манастир.
Овој свечен миг го збогатија со своето присуство жители од Битуше и соседните села, како и ктиторот на храмот, Горан Џиковски, кој заедно со својата фамилија постојано ја помага изградбата на овој бигорски скит.
Скитот посветен на светите рамноапостоли сесловенски првоучители и покрстители, солунските браќа Кирил и Методиј се наоѓа на висорамнината под планината Крчин, над долнореканското живописно село Битуше. Темелите беа осветени и поставени на 31 мај 2014 година, а првата литургија беше одржана на 24 мај 2017 година.
Иницијативата за градење и идејното решение беа на архимандритот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, кој има голема љубов и почит кон браќата. Скитот на свети Кирил и Методиј ќе функционира како летна школа за веронаука за млади од Македонија.
Изминативе седум години во Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител” и во метохот „Св. Георгиј Победоносец” во дебарското село Рајчица летните кампови по веронаука ги посетија неколку илјади деца од многу градови од нашата држава, изучувајќи ги основите на христијанството, но и основните морални начела.