Мирисот на розите што се ширеше од цветниот епитаф – симбол на гробот на богородица, како да беше истиот оној мирис за кој е запишано дека се ширел од нејзиното упокоено тело
Над 200 верници кои присуствуваа на бдението во чест на големиот празник – Успение на пресвета богородица, ја имаа ретката можност да бидат првите кои ги слушнаа статиите, посебните напеви испеани за првпат пред епитафот на мајката божја, не само во Македонија, туку и пошироко – на Балканот
Се ширеше прекрасен мирис на рози. Дури 800. Црвени и бели. Начичкани меѓу зелени гранчиња и бршлен, од кои беше направен цветниот епитаф, малата црквичка-гроб во која беше положена плаштаницата, симбол на телото на Богородица. Си помислив: Можеби, како што е запишано, таков бил мирисот што се ширел од нејзиното тело, откако се упокоила 11 години по Распнувањето, Воскресението и Вознесението на нејзиниот син Исус Христос? Тогаш, кога на 28 август, пред 20 векови, мирно ја предала својата душа на Бога, во рацете на Својот син, без да почувствува мака и болка. Како да заспала. Блесокот на кандилата, трепетливиот сјај на свеќите и шушкањето на зелените ливчиња под нозете, за момент ја доловуваат сликата за нејзиниот величествен погреб, кога голем број христијани, со свеќи во рацете и со кадилници, пеејќи молитви, ја испраќале кон нејзиното вечно почивалиште – Гетсиманската градина во Ерусалим. Таму каде што била и гробницата на нејзините родители, св. Јоаким и Ана и стариот праведен Јосиф.
Така украсената црква во Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ по повод и во слава на Упокоението на Мајката Божја, збогатена и со разнобојни цвеќиња пред иконите, беше дело на архимандритот Партениј, заедно со братството на овој и со сестринството на манастирот „Св. Георги Победоносец“ во с. Рајчица, Дебарско, кои се под негово старешинство. Амбиент кој, сепак, без чудесното пеење и молитвите упатени кон Богородица не ќе беше толку величествен, ниту пак, ќе ги исполнеше толку многу срцата на присутните со една невообичаена и тивка радост, посилна од тажните моменти на нејзиното оплакување, токму заради сознанието дека Успението на Мајката Божја е сведоштво за тоа дека е жива, дека е со нас, дека го осмислува, осветува и просветува животот на милиони луѓе во светот.
Нејзиното вознесување на небото, кое се случило во тело, „предизвикува радост затоа што таа стана еден вид порта за влез на човештвото во Царството небесно. Затоа што Бог ги слуша сите нејзини молитви и затоа што Таа е нашата најсилна молитвена застапничка пред Него“ – вели монахињата Варвара.Бдението над Богородичиното „упокоено тело“ со благослов на отецот Партениј, го означија камбаните кои се огласија некаде во 23 часот, пред полноќ. Започна со стиховите на Успенскиот акатист: „Ние, слугите Твои, Богородице, поради Твоето сечесно Успение, кога ти се воздигнуваш од земјата кон небесата, Ти принесуваме побожни песни Тебе, од сите родови избраната Божја Мајка и Царица. А Ти, бидејќи си победителка на смртта,ослободи нè од секаква смртоносна опасност за да Ти воскликнуваме: Радувај се зарадувана Ти и во Успението Твое не нè оставаш!“
Оваа сеноќна служба, која традиционално се пее на гробот на Мајката Божја во Ерусалим, според зборовите на отец Партениј, веќе четврта година како е воведена и во Бигорскиот манастир и од година во година привлекува сè поголем број верници. Годинава ги имаше над 200. Тие ја имаа ретката прилика да ги слушнат статиите, посебните напеви, за првпат испеани пред епитафот на Богородица, не само во овој македонски манастир, туку и пошироко на Балканот (освен некои манастири во Грција, секако и на Света Гора), инаку преведени од руски од страна на архимандритот Нектариј, старешина на манастирот „Св. Наум Охридски“ на Охридското Езеро. Прекрасните византиски, но тешки напеви, што според мелосот на Јаков протопсалт слаткопоец, за првпат на бдението ги испеа отецот Партениј, придружуван од неговите браќа и духовни чеда, како и торжествените стихови кои опишуваа како во слава Мајката Божја е вознесена на небото и пречекана од сите ангелски чинови, веруваме дека ниту еден од присутните не го оставија рамнодушен. Зашто силата со која длабоко се врежуваа во секоја душа предизвикуваше чувство, небаре како и самите да се возвишуваме кон небесата. Пееја и најголемиот дел од верниците, провирајќи се под плаштаницата на Богородица, со надеж дека преку Нејзината „врата“ ќе го дофатат спасението. „Да се уверат дека смртта не е пораз, туку победа. Премин во вечен живот. Преселување во Божјиот свет, во сета негова благодат и неизмерна убавина“- како што учи Црквата.
Така до 5 часот наутро, на денот на празникот наречен уште и Голема Богородица, кога, по мала пауза, почна и светата празнична Литургија, началствувана од отецот Партениј, по што следеше и заедничка манастирска трпеза за сите гости.
Бигорскиот манастир, сам по себе е чудесен. Но, кога празнува, навистина е своевиден куриозитет. Голема Богородица помина, сега се подготвува за манастирската слава посветена на Св. Јован Крстител, 11 септември – денот на отсекувањето на неговата глава. Тажен ден, ден на строг пост. Почитта кон патронот на манастирот ќе почне со голема свечена вечерна богослужба спроти празникот. Треба да се отиде. Да се види и да се доживее атмосферата на славењето. Којзнае, братството и сестринството под водство на отец Партениј, како „трагачи“ по исконското, можеби и овој пат ќе понудат нешто ново и недоживеано…
Текст и фото: Ѓурѓина Василевска