Бигорски го враќа автентичниот изглед

Десетгодишниот јубилеј од возобновувањето на монашкото братство во Бигорскиот манастир, кој ќе биде прославен идната година, ќе биде одбележан со осветување на гостинските конаци во таканаречениот Долни Палат. За овој јубилеј се очекува да бидат завршени сите работи во изградбата на гостинските конаци. Речиси една година, стотина градежници од повеќе фирми се ангажирани во изведување на изградбата на Долни Палат, со што се враќа автентичниот лик на манастирскиот комплекс од пред 1912 год. Во таа година конаците ги зафатил голем пожар така што тие изгореле до темел. Во 1936 година биле обновени во модерен стил, што не одговарало на првобитниот изглед.

-Желба на монашкото братство беше Бигорскиот манастир да го добие својот првобитен изглед, ни рече архимандрит Партениј, игумен на манастирот.На добар пат сме тоа да ни се оствари. Градежните работи за враќањето на првобитниот изглед се во завршна фаза. Првото и второто ниво се реконструирани и се оспособени за својата првобитна намена. Првото ниво е за сместување на котларата и на другaта техничка опрема, а во второто и третото ниво се наоѓаат повеќе манастирски соби, во кои ќе можат да ноќеваат сите посетители кои имаат желба.

Четвртото и петтото ниво се целосно нови и се автентични со првобитните. На четвртото ниво има единаесет соби со по два кревети, а на петтото изграден е просторен чардак со дрвени столбови, како и резиденција за надлежниот архиереј, мала црквичка-параклис и апартмани за гости.
Возобновувањето на гостинските манастирски конаци во Бигорскиот манастир е финансирано од ктиторот Трифун Костовски, за што монасите и верниците кои постојано доаѓаат се многу благодарни. Овој бизнисмен со своето дарителство, како што ни рече монахот Доситеј, се вброил меѓу ктиторите од Галичник и Лазарополе од 19 век.

За довршувањето на започнатите активности потребни се уште средства. Монашкото братство очекува дека и други македонски бизнисмени ќе учествуваат со доброволни прилози и веруваат дека идната година ќе бидат осветени конаците за да ги примат првите гости.

Празникот на патронот на манастирската црква „Св. Јован Крстител“ денес и утре ќе биде достоинствено одбележан, онака како што со векови се правело.
Во присуство на голем број верници од сите краишта на нашава држава, вечерва, со почеток во 19 часот, ќе се одржи вечерна богослужба со која ќе чиноначалствува надлежниот архиереј на Дебарско-кичевската епархија и надлежен администратор на Повардарската епархија г. Тимотеј.

Утре, светата божествена Литургија во чест на отсекувањето на главата на св. Јован Крстител ќе започне во 07 часот и со неа ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство, митрополитот г. Тимотеј, во сослужение со монашкото братство од Бигорскиот манастир, како и повеќе свештенослужители од Дебарско-кичевската и Повардарска епархија.

За сите посетители на богослужбата монашкото братство ќе приреди манастирски ручек и вечера.