Мокрањац заминува, Кукузел се враќа во МПЦ?

Од оваа учебна година во средното Богословско училиште „Св. Климент Охридски“ во Скопје, во прва и втора година треба да почне да се изучува источното црковно пеење. Синодот на Македонската православна црква го прифати предлогот на комисијата, која беше формирана за оваа цел во состав на: д-р Јане Коџабашија, музиколог, г. Наум, митрополит Струмички и архимандритот Партениј, старешина на манастирот Св. Јован Бигорски“. Нивен избор е стариот Осмогласник од 19 век, кој е составен главно од монаси – Македонци. Според зборовите на отец Партениј, всушност, и повеќето композитори на византиското пеење биле Македонци. Меѓу најпознатите, според чии напеви

веќе се пее и во гореспомнатиот манастир, тој ги посочи св. Јован Кукузел, монахот Калистрат Санџакоски, Јоан Хармосин од Охрид…


Источното црковно пеење, познато и како византиско, овде на Балканот го практикуваат Грчката, Романската и Бугарската Црква, за разлика од Македонската, која заедно со Српската црква, официјално, во образовните институции и во практиката, пее според западното црковно пеење, што пред сe е „во знакот“ на српскиот композитор Стеван Мокрањац. Тоа не значи дека Мокрањац толку брзо, лесно или целосно ќе си „замине“ од МПЦ. Зашто, како и за секоја друга новина, така и за воведувањето на ова пеење, ќе биде потребно време, а можеби ќе се подигне и некаква врева, сe додека тоа не си се избори за местото што, според критериумите на членовите на Комисијата, треба да си го заземе во Македонското црковно пеење.